Пакетот закони од за основно и средно образование, како и законите за стручно образование и обука и за образование на возрасните и денес се на расправа во матичната собраниска комисија.
Со предложениот закон за средното образование, средното образование се дефинира како институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој овозможува образование за сите ученици во средното образование, вклучително и за деца/лица со странско државјанство или деца/лица без државјанство, формирање на инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост.
Првпат се воведува кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, дигитални вештини, квалификации стекнати по завршување на средното образование. Со новиот закон се воведува и нова концепција за испити на крајот на средното образование.
За законите се поднесени околу 50 амандмани, од кои неколку амандмани се за химната и за државниот испит на директорите кои го зборувааат албанскиот јазик.
На албанските парти им смета членот од законот за средно образование кој предлага интонирање на државната химна иако, според министерката Весна Јаневска тоа нема да биде обврзувачко затоа што општините ќе решаваат за тоа, како и одредбата директорите задолжително да достават потврда за положен државен испит по македонски јазик.
Амандмани за химната и за државниот испит по македонски јазик за директорите поднеле и Европскиот фронт и Вреди кои бараат бришење на одредбите. Образложението зошто се против интонирање на химната на почетокот и на крајот на учебната година, како и на патронатите и на други свечености е дека „интонирање на химната сметаме дека е доброволен акт и не треба да биде законска обврска, затоа предлагаме да не стои во законот“.
Со амандман се бара да се избрише таа одредба од предлог законот “директорите задолжително да достават потврда за положен државен испит по македонски јазик“, со образложение дека „јазикот кој го зборуваат 20% од граѓаните е службен јазик во државата, затоа сметаме дека кандидатот за директор нема потреба да достави потврда за положен државен испит за македонски јазик затоа што албанскиот јазик е гарантиран со член 7 и амандман V на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за употреба на јазиците“.
Според владејачката Вреди, доволно е кандидатот за директор да достави уверение дека го владеат македонскиот јазик.
Од Вреди бараат и измена на предлог-законот во делот на авторите на учебници. Предлогот вели дека авторите мора да бидат државјани на Македонија, а според владејачката Вреди на тој начин се ускратува правото на странски автори да изработат учебници во Македонија.
Министерката за образование Весна Јаневска повеќепати истакна дека оваа одредба нема да биде задолжителна. За пуштање на химната ќе одлучуваат основачите, односно општините и Град Скопје. Според министерката, како припадници на една држава треба да се гордееме со националните симболи: химна, знаме и грб. Таа смета дека сите што ја чувствуваат оваа држава како своја и сите што сметаат дека треба да работат за просперитетот на државата, треба да си ги почитуваат симболите на државата.
Министерката ги посочи примерите на Соединетите Американски Држави и Швајцарија, каде во училиштата се интонира државната химна, по што реагираа од Европскиот фронт дека ваквиот закон само ќе ги поттикне меѓуетничките поделби, бидејќи во химната не биле опфатени останатите етнички заедници.
Ако се прифатат амандманите, законите ќе бидат донесени многу брзо, но ако не им се прифатат, албанските партии може да го блокираат донесувањето на законите со бадентерово гласање. За овие закони треба да се гласа двојно, освен мнозинство од пратениците, потребно е мнозинство и од пратениците на заедниците.
Инаку, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) апелира до Собранието да организира јавни расправи за законите во областа на образованието, а опозициската СДСМ обвини дека со предложените промени се нарушува концептот за инклузија на деца со попреченост.
“При отстранувањето на заштитните основи за дискриминација по род и сексуална ориентација, како и со кратењето на буџетот за 50% за специјализирани услуги на жртвите од насилство, се дава јасен сигнал кон агресорите за тоа кого институциите ќе штитат, а кого ќе го остават на маргините. Овие предлог-закони се на штета на децата со попреченост, на штета на децата кои се жртви на врсничко насилство, на штета на средношколците кои ќе го изгубат правото на средношколско организирање“, велат од СДСМ.
Орце Костов