Американски сојузен суд синоќа му дозволи на Претставничкиот дом на САД пристап до стотици страници доверливи документи од времето на претседателствувањето на Доналд Трамп, вклучувајќи ги и оние за нападот на Капитол на 6 јануари.
Со оваа одлука судијката Тања Чуткан ги запре обидите на поранешниот американски претседател да ги зачува во тајност повеќе од 700-те страници документи.
Адвокатскиот тим на Трамп најави дека ќе се жали на одлуката, јави Си-Ен-Ен.
Според одлуката на судијката, Националниот архив во петок на пратениците треба да им ги предаде бараните записници од телефонските повици во Белата куќа, видеата поврзани со 6 јануари, како и три страници рачно напишани белешки на тогашниот шеф на кабинет на Трамп.
„Претседателите не се кралеви, а обвинителот не е претседател“, напиша Чуткан.
Чуткан наведе дека барањата на поранешниот претседател немаат предност пред одлуките на актуелниот претседател за заштита на привилегираните информации на извршната власт и дека претседателската привилегија „постои во корист на Републиката, а не на поединецот“.
Претставничкиот дом пред судот наведе дека Трамп нема право да чува доверливи документи од времето на неговото претседателствување и дека таа документација им е потребна на пратениците за да ги реконструираат дејствијата на Трамп од 6 јануари и неговите обиди да го поткопа легитимитетот на изборите во 2020 година.