Ќе се менуваат девет закони поврзани со автопатиштата што треба да ги гради „Бехтел и Енка“. Тие се ставени на дневен ред на собраниска седница закажана за в понеделник, пишува „Призма.мк“.
Оттаму посочуваат дека сите измени се по предлог на група пратеници од владејачкото мнозинство и ќе се носат по скратена постапка. Во сите случаи со исто објаснување – „не се работи за обемен и сложен закон“.
Според информациите, ќе се менуваат законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, законите за шумите и за градење, а ќе се менува и самиот закон што овозможи без тендер да му се даде на американско-турскиот конзорциум да ги гради коридорите 8 и 10Д.
Нема да се плаќа данок на додадена вредност за изградбата на коридорите.
Поточно, „прометот на добра и/или услуги извршен кон“ државата од „Бехтел и Енка“, а наменети за изградбата на двата коридори „е ослободен од данок на додадена вредност со право на добивка на претходен данок“. Државата, пак, како инвеститор е ослободена од плаќање ДДВ за услугите што ќе ги добие од „Бехтел и Енка“, пренесува „Призма.мк“.
Во истите измени се предвидува и на американско-турскиот конзорциум да му се враќа акцизата на енергенти, а „увозот на добра извршен од страна на стратешкиот партнер е ослободен од данок на додадена вредност, увозни давачки и данок на моторни возила за набавка на „pick-up“ возила“.
Една од измените во Законот за ескпропријација, пак, предвидува на стратешкиот партнер, односно во овој случај на „Бехтел и Енка“ да му се даде во владение експроприраниот имот „веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба таа да стане правосилна.“ Досега таквите одлуки не се спроведуваа сѐ до правосилност, која може да се чека со години доколку се жали сопственикот на имотот.
За да нема тешкотии и одложувања ако при работата дојде до наоѓање археолошко наоѓалиште или предмети од археолошко значење се менува и Законот за заштита на културното наследство. Па, така со измените се олеснува начинот на пријавување и ако се дојде до археолошки важно откритие треба да се пријави до надзорниот инженер, а не до „надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи“, како што предвидува законот во други случаи, ако не се работи за стратешки инвеститор за каков што е прогласен „Бехтел и Енка“.
Законот за урбанистичко планирање, пак, се менува, како што наведуваат предлагачите, за да се овозможи забрзана реализација и „повисок степен на флексибилност во однос на содржината на урбанистичките проекти“. Поради „ефикасна изградба“ се менува и Законот за градење.
Измените предвидуваат дека кога се работи за градбите од стратешки интерес, нема да се применуваат тековните законски одредби што се однесуваат на постапките за одобрување идеен проект, за издавање одобрение за градење, условите за почнување со изградба и слично.
Поради „долгите постапки“, измените на Законот за шуми предвидуваат пренамената на шумата и шумското земјиште да се смета за завршена и погодна за запис во катастарот на недвижности, без потреба инвеститорот да спроведува дополнителни процедури „или да добие каква било согласност, одобрение или која било друга одлука или документ од кој било орган“.