Ќе се изведуваат сите докази и сведоци на повтореното судење за масовното прислушување – првото рочиште се одложи

by fokus

Се одложи првото рочиште за судењето за масовното прислушување односно за предметот „Таргет – Тврдина“ кое почнува од почеток откако Апелациониот суд пред два месеци го врати на повторно постапување.

Иако Кривичен кажа дека судењето ќе тече на “брза лента” бидејќи се заканува застарување, еден од обвинетите во случајот, Тони Јакимовски не беше спроведен од куќен притвор од Охрид.

Судот испратил покана до него, но направил превид, односно не испратил наредба за спровод до полициската станица.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков беше спроведен од затворот во Струга каде што издржува затворска казна, а поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска беше спроведена од затворот Идризово.

Судењето продолжува утре кога треба да бидат дадени воведни зборови и повторно да сведочат свиркачите кои го открија прислушувањето, Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.

Повтореното судење има нов судечки совет на чело со судијата Илија Трпков кој ќе суди заедно со новата судијка, Бранка Наумовска.

Застапници на обвинението се обвинителите од поранешното СЈО, Артан Ајро и Трајче Пеливанов.

Судиите претходно изрази уверување дека на случајот ќе му се даде интензитет и дека нема да дозволат застарување на делото.

На почетокот на 2025 година, застаруваат делата на обвинетите за масовното прислушување односно делот од случајот “Таргет”, што значи дека во рок од две години, ќе треба да се донесе нова првостепена пресуда и истата да стане правосилна.

На повтореното судење ќе се изведуваат повторно сите докази и ќе се испитуваат сите сведоци.

Првиот пат пак само за носење на првостепената пресуда беа потребни повеќе од три години.

Но, застарувањето претставува опасност само за делот со прислушувањето, односно за „Таргет“. Вториот дел од предметот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување, не е под ваква закана.

За овој дел не е обвинет Мијалков кој првично беше осуден на 12 години затвор за прислушувањето.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости