Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека ќе биде спроведен надзор преку Државниот здравствен и санитарен инспекторат за случајот со пациентката која, според објавите на социјалните мрежи, починала на Клиниката за гинекологија и акушерство.
– Ќе иницираме соодветен надзор преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а доколку е потребно, и стручен надзор, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција.
Од Клиниката за гинекологија и акушерство во соопштение до јавноста појаснуваат дека не се работи за родилка како што тоа е објавено на социјалните мрежи, туку за пациентка која е оперативно третирана. Пациентката, според соопштението од ГАК, починала утрово на КАРИЛ, а информациите во јавноста ги нарекуваат тенденциозни и злонамерни шпекулациите на социјалните мрежи за причините за смртта на пациентката. Тие тврдат дека Комисијата за контрола на квалитет при клиниката по разгледување на документацијата од приемот до исписот заклучила дека пациентката е лекувана и третирана по сите протоколи, под висок стручен надзор.
– Пациентката е примена на ГАК на 21.04.2021 година со голем тумор на матката и е извршена операција на 22.04., со уреден оперативен тек. Во првите шест дена пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот постоперативен ден, поради нагло влошување на состојбата (силна болка), пациентката повторно е подложена на оперативен зафат во присуство на абдоминален хирург заради утврдување на причините за влошување на состојбата. Интраоперативно е најдена спонтана руптура на тенко црево (најверојатно како резултат на претходните болести). Во договор со абдоминален хирург, пациентката е префрлена на Клиниката за дигестивна хирургија. На 11-от ден постоперативно, на Дигестивна хирургија, настанува повторна компликација со цревата најверојатно поради претходните болести и пациентката е повторно оперирана. Постооперативно пациентката е во стабилна состојба и хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Утрото на 09.05.2021 година, под сомнение за белодробна тромбоемболија, пациентката итно е префрлена на КАРИЛ, каде починала по многу кратко време, се појаснува во соопштението.
На социјалните мрежи беше објавено дека 33-годишна родилка починала на ГАК и оти наместо папочната врвца, и биле пресечени цревата.