Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да отстапи од своето ветување дека ќе изгради ѕид на границата со Мексико, јави Би-Би-Си.
– Ќе го градиме ѕидот во секој случај, рече Трамп на собир во Тексас, во исто време кога беше објавено дека е постигнат принципиелен договор за финансирање на Владата и избегнување нејзино ново блокирање.
Меѓутоа, Трамп не кажа дали ќе го поддржи договорот.
Тој тврди дека бариерата што ги разделува Ел Пасо и Мексико го направи градот побезбеден. Меѓутоа, тоа не го потврдува федералната статистика.
Претходно, беше објавено дека неколку преговарачи од Демократската и Републиканската партија во американскиот Конгрес постигнаа принципиелен договор за финансирање на Владата и избегнување нејзино ново затворање.
Никој од преговарачите не ги наведе деталите од договорот, а исто така не кажаа дали претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе ја добие целата сума што ја бара за изградба на ѕидот на границата со Мексико.
Демократите понудија одредена сума пари за гранична безбедност, но значително помалку отколку што бараше Трамп за ѕидот.
Белата куќа и конгресмените имаат рок да го усвојат новиот закон за буџетот до петок, кога повторно ќе бидат исцрпени средствата за финансирање на федералната Влада и може да уследи нова делумна блокада.
Трамп не се изјасни колку пари би прифатил како компромис за изградба на ѕидот на американско-мексиканската граница. Тој на 25 јануари се согласи да стави крај на најдолгата делумна блокада на работата на федералната Влада, која траеше 35 дена, иако не ги доби 5,7-те милијарди долари што ги бараше за ѕидот. Наместо тоа, беше постигнат договор за тринеделно финансирање на федералните агенции, со цел лидерите во Конгресот да имаат време да го решат спорот што се однесува на безбедноста на границата.