Следната недела ќе биде формирана работна група која ќе работи на реформа на Судскиот совет, најави Министерството за правда.
Во работната група ќе бидат вклучени претставници на Здружението на судии, претставници од невладиниот сектор, како и претставници на академската заедница и експерти од соодветната област. Покана за учество во работната група ќе биде доставена и до претставниците на најголемите политички партии во земјата.
„Во насока на обезбедување на поголема експедитивност и ажурност, работната група ќе започне со работа веднаш по формирањето, а дополнително до истата ќе бидат доставени забелешките и коментарите од Извештајот од Оценската мисија која од страна на Европската Унија беше спроведена во земјата. Наводите од овие извештаи работната група ќе ги адресира во конкретните законски одредби заради надминување на лоцираните слабости во однос на законските решенија и нивната примена во практиката“ велат од министерството.