Ќе се формира оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани

by Fokus

Безбедносната состојба е стабилна и не постојат реални закани по безбедноста на граѓаните, констатираше Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница на состанокот што се одржа денеска по честите дојави за бомби во државава.

На состанокот е донесена одлука да се формира оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани.

-Безбедносно-разузнавачката заедница е во секојдневна меѓусебна комуникација и координација, како и со меѓународните партнери од безбедносниот сектор со кои постојано работат на размена на информации и искуства во справувањето со хибридните закани, соопштија од Владата по третата седница на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Со оперативниот тим за сајбер безбедност и хибридни закани ќе раководи Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи. Оперативниот тим ќе биде составен од експерти од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање. Предвидено е по потреба да бидат вклучени и други институции и експерти.

-Главни задачи на оперативниот тим ќе бидат стручната процена и препораки, изработка на минимум стандарди и опрема за градење отпорност на секоја институција и зајакнување на комуникацијата со јавноста на дневно ниво. Меѓу другото, донесен е и заклучок со кој се зајакнува комуникацијата со партнерски институции во делот на проценката на отпорност и заштита на системот, велат од Владата.

На состанокот присуствувале првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, министерите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Бујар Османи и за одбрана Славјанка Петровска, директорите на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски и на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, раководителот на Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање полковник Ивица Ампов, а како ад-хок присуствувал и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски. Седницата е свикана на иницијатива на канцеларијата на Советот предводена од секретарот Даниела Илиоска.

Како што информираа претходно МВР, денеска попладне, на електронските адреси на 15 училишта во Скопје (13 средни и две основни) е упатена закана за поставена експлозивна направа. Во дел од објектите веќе се завршени проверките и е утврдено дека станува збор за лажни пријави, аво останатите проверките се во тек.

Седницата на Советот за координација ја најави минатата недела министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а по честите дојави за поставени експлозивни направи во училишта, институции, спортски објекти, хотели, станбени комплекси, трговски центри и на Скопскиот аеродром. Во сите случаи беше утврдено дека станува збор за лажни дојави.

Поврзани новости