Ќе се доврши мостот во Аеродром, но Арсовска не знае кога

by fokus

Ќе се доврши изградбата на новиот мост на булеварот „АСНОМ“ којшто треба да ги поврзува скопските општини Аеродром и Гази Баба, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

-Некој отпочнал да гради мост без да има решено над 150-тина имотно-правни прашања, од кои голем дел се веќе влезени во спорни побарувања меѓу физички и правни лица кои немаат врска со Градот. Тие се нешто што треба прво граѓаните да го разрешат меѓу себе, а понатаму да пристапиме кон експропријација на нивните имоти, изјави Арсовска.

Таа нагласи дека како градоначалник ќе биде посветена на сите почнати проекти да се реализираат, но вели дека за динамиката на реализација не може да гарантира. Потенцира дека некој почнал проект, а не знаел како ќе го реализира.

Според неа, во делот на мостот на булевар „АСНОМ“ има над 170 имоти кои не се завршени, односно не е завршена постапката на експропријација, има имотно-правни спорови.

-Мостот ќе се доврши, но уште поважно во оваа фаза е да се потрудиме што е можно поскоро да се пристапи кон тоа да се решат овие имотно-правни спорови, кои во овој момент ги има таму за да може мостот да биде поврзан. Не е проблем изградбата на мостот, тој ќе биде изграден, меѓутоа поврзувањето од обете страни е нешто кое има повеќе имотно-правни спорови, појасни Арсовска.

Прашана за референдумот за проектот за брз автобуски превоз во Скопје или БРТ- систем, Арсовска рече дека тоа е законска можност која во овој момент ја разгледуваат и која досега не била воспоставена како практика.

-Треба да видиме на кој начин и како би можело да се реализира. За сите прашања кои би биле од интерес да се донесат за граѓаните, тие верувам дека треба да бидат консултирани, изјави Арсовска. Додаде дека тоа значи голема обврска, милиони средства од буџетот и без разлика на кој начин тоа ќе се реализира, таа смета дека граѓаните треба да бидат прашани.

-Анализите кажуваат дека БРТ има толку многу ризици по граѓаните, по инфраструктурата и по Град Скопје и навистина треба да се размислува како и на кој начин сето тоа ќе се изведе, појасни Арсовска. Според неа, граѓаните сакаат проекти кои ќе бидат во нивна корист, а не во нивна штета. Најави дека тој процес ќе го отворат, документите ќе ги дадат на увид и ќе видат што и како може да се направи.

Поврзани новости