На денешната седница на Уставен суд се најде и иницијативата поднесена од „Левица“, со која се оспорува една од привилегиите на пратениците, односно дека незаконски земале пари за патарини, и тоа во период од 15 години. Сепак судиите не донесоа одлука, бидејќи го немаше потребното мнозинство на гласови, поради што иницијативата по трет пат ќе биде закажана за некоја од наредните седница, откако ќе се изберат новите судии.
-Судот не донесе одлука од причини што предлогот не доби потребно мнозинство гласови. Во иницијативата беа оспорени Точките 3 и 4 од Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина (“Службен весник на Република Македонија” бр.106/2006, 143/2007 и 161/2018), информираа од Уставниот суд.
Според судијката известител, Вангелина Маркудова, оваа прашање било решено уште во 2006 година, кога Уставниот суд веќе одлучил дека оваа право на пратениците не е спорно, односно не одлучиле да поведат постапка.
Тогаш одлуката била донесена едногласно од судиите Судии биле: Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бајрам Положани и Игор Спировски.
„Тргнувајќи од анализата на членот 31 од Законот за пратениците, произлегува дека законодавецот ги утврдил личните примања и надоместоци на трошоци на кои имаат право пратениците, како и определил дека Собранието, односно надлежното работно тело на Собранието, во функција на операционализација на одредбата, е овластено да ги уреди условите и начинот за утврдување на износот за остварување на личните примања на пратениците и надоместоците на трошоците утврдени со овој закон“, образложиле тогаш судиите.
Сепак дел од судиите имаа поинакви мислења.
Според судијата Дарко Костадиновски, пак, ваквата привилегија треба да се поништи. Тој истакна дека останува на ставот дека надоместокот за патарините е неоснован, односно дека ова прашање не може да се реши со подзаконски акт, туку морало да биде уредено со закон.
-Предлагам да се поведе постапка и да се поништи одлуката, истакна судијата.
Сличен е и ставот на судијата Осман Кадриу.
-Овој акт не е во согласност со Законот за плати и други надоместоци на сите функционери и затоа мислам да се поведе постапка, истакна судијата.
И во иницијативата поднесена од Левица се наведува дека ваквата привилегија се коси со неколку законски одредби од Законот за пратеници и Законот за Собранието. Таму прецизно се наведени финансиските привилегии на народните избраници, меѓу кои не се споменати трошоци за патарини.
Дополнителната привилегија за добивање и на трошоци за патарините е донесена на 3 октомври 2006 година, од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со назив „Одлука за висината на надоместоците на пратениците за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина“.
Според Левица, Собранието, односно комисијата, со носењето на ваквата одлука направила злоупотреба.
„Со носење на оспорената комисиска одлука, донесена на седница на кадровско работно тело составено од само 13 пратеници, кое без никаков уставен основ излегува од рамките дадени со Уставот, како највисок и врвен правен акт во Репубиката (lex superioris), предвидувајќи надоместок на трошоците за патарина кој воопшто не е ниту уставно, ниту законски предвиден – прави класично ultra vires проширување на правата на пратениците и врши каприциозна и дрска злоупотреба на сопствената материјална надлежност“, се појаснува во иницијативата.
Се додава и дека нема простор за никаква можна интервенција преку подзаконски правен акт во сферата на трудовото и парламентарното право, со кој малициозно би се дерогирал или изместувал постојниот јавно-правен поредок, утврден со националната легислатива, но и со ратификуваните меѓународни договори. Можело да биде поинаку уредено, но не е.
Валентина Вурмо