Ќе се бара одговорност од сите инволвирани судии за бегството на Грујовски и Бошковски

by fokus

Одговорност од сите инволвирани судии за бегството на Горан Грујовски и Никола Бошковски, згрозени сме од односот на судиите кон овој случај, но и односот за сите останати случаи кои што ги води СЈО. Истите судии кои што даваа притвори без никакви докази, сега влегоа во целосна заштита на обвинетите, велат во соопштение од Здружението ЗЕЛЕНА ЛУПА.

Здружението ќе поднесе иницијатива за одговорност на судија до Советот за утврдување на факти, но и до Судски совет на РМ, за сите членови на кривичниот совет од Апелациониот суд Скопје.

„Како Здружение кое што се залага за владеење на правото, сметаме дека основната грешка е во постапувањето на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје I Скопје, кој наместо да го прифати основаниот и со мноштво докази поткрепен предлогот на Специјалното Јавно обвинителство и да определи мерка притвор према обвинетите, истиот предлогот за притвор го одби и, колку заради обична маска, изрече мерки на претпазливост, кои во конкретните случаи се ирелевантни.

Бегството на обвинетите сосема јасно укажува на основаноста на предлогот за определување мерка притвор, а со тоа и на неоснованата и незаконитата одлука на Кривичниот совет.

 

Сметаме дека ваквото постапување на Основниот суд Скопје I Скопје, на Апелациониот суд Скопје и на Врховниот суд, се во директна врска со она што следуваше, а тоа е бегството на обвинетите.

На стручната јавност и е познато, но за пошироката јавност сакаме да соопштиме дека определувањето на мерката притвор од страна на Апелациониот суд Скопје, потврдена со одлука на Врховниот суд, независно од неговото постапување надвор од своите законски овластувања, е чисто фрлање на прашина во очи на граѓаните на Република Македонија, кои треба да се убедат дека судовите постапувале правилно со тоа што определиле мерка притвор, а од друга страна на обвинетите на тој начин да им се даде можност за бегство или криење од органите на прогон. Поради наведеното постапување, не можеме да ја исклучиме и можноста да сето тоа, можеби е и однапред договорено, што упатува на можност од директно инволвирање на судовите кои постапувале во однапред подготвеното сценарио, во случај кога основаноста за притворот према обвинетите беше повеке од очигледна.

Поради постоење на сомнение дека со ваквото незаконито постапување, судиите кои учествувале во кривичните совети на наведените судови сториле и кривично дело Злоупотреба на службената положба од член 353 став 3 од Кривичниот законик, Здружението ЗЕЛЕНА ЛУПА ќе поднесе кривични пријави за сите инволвирани судии во овој скандал до Основното Јавно Обвинителство, и очекуваме новиот Јавен Обвинител на РМ во рамките на своите надлежности, да преземе соодветни дејствија заради утврдување на евентуална кривична одговорност. Ова превентивно би делувало на судиите кои во иднина би постапувале по ваквите и други предмети, по истите да постапуваат строго законски и да носат само одлуки исклучиво засновани на закон, на кој начин делумно би се поправила и грдата слика која во земјата и надвор од неа години наназад е присутна и кај стручната и кај пошироката јавност, потврдена со многуте извештаи и анкети.

Земајќи ги во предвид бегствата кои се случија и со Сеад Кочан, Горан Грујовски, и Никола Бошковски, постојат сериозни и основани сомненија дека обвинетите и од другите случаи кои што ги води СЈО ќе се дадат во бегство.

Заради новонастанатите околности, го охрабруваме СЈО, да побара повторно притвор за сите обвинети за кои досега побара мерка притвор а истата беше одбиена од судот, да инсистира на притвор за сите обвинети за кои постојата докази за криминал!

Поразителната статистика, дека во моментов ниту едно обвинето лице од ова обвинителство не се наоѓа во притвор, и дека сите за кои досега беше даден притвор се дадода во бегство, е факт кој што мора да биде земен во предвид, и сериозен аларм дека е време да се отстрануваат сите пречки од патот на правдата!“, се вели во соопштението на Зелена Лупа.

Поврзани новости