Лицата со попреченост останаа единствените во нашето општество кои го кренаа гласот за зголемување на надоместоците и платите по примерот на зголемувањето за функционерите. „Фокус“ обезбеди податоци за бројот на лица со попреченост кои примаат надоместок и направи пресметка колку ќе ја чини државата да ги зголеми овие надоместоци за 78 отсто. Пари кои нели, во буџетот не се предидени. Исто како што не беа предвидени ниту за 78-те отсто за функционерите.
Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
Многу е тешко да работиш и истовремено да се грижиш за деца со посебни потреби. Во мојот случај двата сина се со посебни потреби и доколку немам помош од мојата мајка, јас не би можел да работам и да се грижам за децата. Од работно способен вработен човек со високо образование би станал социјален случај.
Вака ја почнува својата приказна Зоран Мијалков, самохран татко на две деца со посебни потреби. Токму поради лошите услови кои државата им ги обезбедува на лицата со попреченост и нивните семејства, а поттикнати од зголемувањето на платите на функцоинерите од 78 отсто, тие одлучија револтот да го изразат со протестен камп пред Владата.
Лица со оштетен вид, лица во инвалидски колички, лица со оштетен слух и со различни други посебни потреби со денови спиеја во шатори пред Владата и беа единствени што го кренаа гласот против самоволието на политичарите и функционерите. И не само што се бореа за себе и бараа зголемување на надоместокот за попреченост за ист процент како зголемувањето на функционерите, туку се бореа и за сите други со тоа што бараа толкаво зголемување и на висината на платите на сите работници.
Бранкица Димитровска, претседателка на Здружението ХЕНИДИКЕП ПЛУС вели дека наместо државата да се труди да ги вклучи лицата со попреченост во сите пори на општеството, преку гарантирање на соодветно образование и обука за работа, гарантирање на слобода на движење и учество во културни, спортски и други активности, таа обезбедува мерки кои исклучиво ги држат лицата со попреченост, а често и целите нивни семејства, на раб на егзистенција – без можност за учество во општествен и културен живот, без можност за соодветна заработка и без можност за напредување.
Додава дека тие бараат Владата, а потоа и Собранието и сите други институции да сфатат дека носењето на мерки без да се прилагоди општеството на потребите и можностите на лицата со попреченост не е помош, туку дискриминација и потпомогнато исклучување на лицата од општествениот живот.
„Бараме државата да препознае дека МИНИМАЛНИТЕ ФИНАНСИСКИ средства не стигнуваат ниту за терапијата, ниту за потребни помагала, ниту за друга потребна помош, а камо ли – излегување, социјализирање и учество во секојдневниот живот. Бараме државата да увиди дека фактот што многу семејства се ставени во ситуација да користат видови на социјална помош се базира на ПОТФРЛАЊЕТО НА ДРЖАВАТА да обезбеди начин како овие лица воопшто да излезат на пазарот на трудот“, смета Димитровска.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК