Ќе продолжиме да инвестираме во луѓе, во нови технологии и во истражување и развој

ЖИВКО МУКАЕТОВ, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА „АЛКАЛОИД“ АД СКОПЈЕ

by fokus

Земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари бидејќи нашите производи се познати таму веќе 85 години. Извезуваме и во Европската Унија, Русија и ЗНД, Северна Америка, како и во некои земји на Блискиот Исток, додека, пак, Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија и Саудиска Арабија се некои од новите пазари што ги додадовме на нашата листа во последните години.

Патот од 15 до 2.500 вработени

Во времето кога почна да работи, „Алкалоид“ беше основач на нова индустриска гранка, со само петнаесет вработени, во далечната 1936 година, како индустриски погон за екстракција на морфиумска база. Континуираните инвестиции и посветеноста на растот и на одржливиот развој придонесоа „Алкалоид“ денес да биде шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа, со над 2.000 вработени во седиштето на компанијата во Скопје и со повеќе од 500 во странските филијали. Производите на „Алкалоид“ во моментов се пласираат во повеќе од 40 земји низ светот, а компанијата има сопствена маркетинг-мрежа од 20 канцеларии во 14 земји надвор од Северна Македонија. Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје веќе 85 години дејствува во сферата на производството на лекови, козметика и на хемиски производи, како и на преработката на ботанички суровини. Успехот во работењето првенствено се должи на квалитетот на човечките ресурси, квалитетот на производите, брендот „Алкалоид“ и на индивидуалните брендови што го сочинуваат портфолиото на компанијата, кое го граделе генерации со години наназад.

„Инвестиции во нови технологии, целосна дигитализација на деловните процеси, удвојување на бројот на канцеларии на ‘Алкалоид’ надвор од Северна Македонија, отворање производство во Србија и формирање на Институтот за истражување и развој и на Центарот за контрола на квалитетот – во сето тоа ‘Алкалоид’ инвестираше повеќе од 200 милиони евра во изминатите 15 години. Сето тоа придонесе нашите пласмани да пораснат од 53 милиони на над 205 милиони евра, кои се очекуваат до крајот на оваа година“, вели Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ Скопје, одговарајќи на нашето прашање за клучните точки во развојот на компанијата, која одбележува 85 години од работењето. Како што се сеќава Мукаетов, скопски „Алкалоид“ пред 11 години отвори производствен погон во Србија.

Србија е првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата во 2010 година започна со сопствено производство и каде што основаше големопродажба. Во Србија вработуваме 145 луѓе, што доволно зборува за стратешкото значење на овој пазар за нас. Во производствената програма на ‘Алкалоид’ во Србија имаме повеќе од 160 производи во делот на фармацијата. Тука е и нашиот бренд Becutan, со кој растеа и со кој растат генерации низ целиот регион. Во Србија инвестициската клима е поволна, а од погонот во Белград го покриваме пазарот на цела Србија. На долг рок планираме да го искористиме бесцаринскиот договор што го има Србија со Евроазиската унија (Русија, Казахстан, Белорусија и други земји).

Кои се најважните пазари на кои извезувате? Во колкав обем и на кои пазари планирате да го проширите извозот?

Повеќе од 65 отсто од нашиот пласман е наменет за извоз, а тој сооднос пред две децении беше обратен во корист на домашниот пазар. Земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари бидејќи нашите производи се познати таму. За 85-годишниот јубилеј на „Алкалоид“ поставивме изложба за историјата на компанијата во Музејот на Град Скопје. При подготовката на изложбата добивме сапуни Becutan со порака од потрошувач од Босна: „По толку време го задржаа својот квалитет. Ќе продолжиме да бидеме ваши верни потрошувачи.“ Задоволството е навистина големо кога еден бренд ќе стане составен дел од животот на луѓето. Освен во земјите од регионот, извезуваме и во Европската Унија, Русија и ЗНД, Северна Америка и во некои земји од Блискиот Исток, додека, пак, Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија и Саудиска Арабија се некои од новите пазари што ги додадовме на нашиот список во последните неколку години. Глобализацијата на брендот „Алкалоид“ е патот на кој планираме да останеме.

Како ја оценувате конкуренцијата во фармацевтската индустрија во регионот и каква е позицијата на „Алкалоид“ на регионалниот пазар?

Планот на „Алкалоид“ да излезе на светските пазари беше направен во средината на 90-тите години, кога започна најголемиот инвестициски циклус во историјата на компанијата – изградба на нова фабрика за цврсти дозни форми и за полусинтетички цефалоспорини. По долги преговори со меѓународните финансиски институции, тогашното раководство на „Алкалоид“ обезбеди конвертибилен заем од ЕБОР и од ИФЦ од околу 17,4 милиони евра, без никаква државна гаранција, туку преку примена на строги практики на корпоративно управување. Но, во време на денешните брзи промени, фармацевтската индустрија мора да инвестира во нови технологии, истражување и развој, во иновации, капацитети и во луѓе. Заостанувањето би влијаело врз конкурентноста, а битката за пазари не е лесна. Се соочуваме со силни локални и регионални играчи, како и со големи генерички компании. Затоа е неопходно да се следат технолошките трендови и регулативи, заедно со инвестициите во луѓе и во капацитети.

Кои беа најголемите предизвици во работењето во услови на пандемија?

Во оваа здравствена криза научивме многу важни лекции и го забрзавме развојот на нови вештини. Ги поттикнавме креативноста и иновативноста во компанијата, како и градењето стратегии што ги налагаат новото време и барањата на пазарот. Ни се чинеше дека најголемиот предизвик на почетокот на пандемијата беше нарушениот синџир на снабдување, кој година и половина подоцна, за жал, е уште полош. Цените на суровините се зголемени, а роковите за испорака се продолжени, така што, на пример, рокот за испорака на алуминиумска фолија сега е осум месеци, додека, пак, пред пандемијата беше три месеци. Побарувачката на одредени суровини и материјали е многу голема, па добавувачите од ден на ден поставуваат нови и потешки услови. Цената на контејнерите е речиси шесткратно зголемена, па сега наместо 3.000, плаќаме сума од околу 18.000 долари од испорачан контејнер во САД, а времето за испорака е двојно подолго. Но, тоа не е случај само во фармацевтската индустрија. Соочувањето со суровата реалност е неизбежно, а редефинирањето на процесите, изнаоѓањето алтернативни начини за комуникација со

потрошувачите и одржливото приспособување кон промените се дел од препораките кои вреди да се применат.

Во кој правец оди развојот на „Алкалоид“? На кој сегмент му давате приоритет во развојот?

Покрај континуираното инвестирање во развој на бизнисот, вложувањето во заедниците во кои живееме и работиме ќе остане на врвот на агендата на „Алкалоид“. Минатата година „Алкалоид“ и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа над 1,2 милиони евра на различни основи, од кои околу 300.000 беа наменети за земјите од регионот, вклучително и за Србија. Во духот на нашиот слоган „Здравјето пред сè“, „Алкалоид“ ќе остане посветен на позитивните вредности: кредибилитет, професионален интегритет, хуманост и човечка солидарност. Годината на нашиот 85-годишен јубилеј беше полна со неизвесности и со предизвици, но наш императив е да изградиме компанија во која задоволни луѓе ќе ги вложат своите потенцијали за заеднички успех на сите во „Алкалоид“.

Промена на трендовите поради пандемијата

Постои една погрешна перцепција дека профитите на фармацевтските компании растат, особено во време на здравствена криза. Порастот на продажбата на производите на „Алкалоид“ за 2020/2021 година беше на ниво на просечен раст во последните пет години, иако светските економски трендови укажуваат дека продажбата на лекови на светско ниво годинава е намалена за четири отсто.

„За време на пандемијата имавме зголемена побарувачка на антибиотици, а целосен застој кај одредени категории лекови кои не лекуваат COVID. Моравме да ги приспособиме нашите планови на потребите на пазарот и беше навистина тешко да се заземе правилен став, имајќи ги предвид сите логистички предизвици. Претходните две години беа многу стресни за целиот систем, но успешно се справивме со големите предизвици. Оваа криза може да биде многу добро училиште за сите нас“, рече Живко Мукаетов.

М. Вујадиновиќ-Томевски

ПР текст

Поврзани новости