Ќе потпишеме договор со Азербејџан за мир и воспоставување дипломатски односи, рече Пашинјан

by Fokus

Ерменија се надева дека ќе склучи мировен договор и ќе воспостави дипломатски односи со Азербејџан во наредните месеци, изјави денеска ерменскиот премиер, Никол Пашинјан. По децении непријателства меѓу Баку и Ереван, Азербејџан минатиот месец ја презеде контролата врз Нагорно-Карабах со молскавична офанзива предизвикувајќи масовен егзодус на повеќето од 120.000 етнички Ерменци во регионот во соседна Ерменија.

Оттогаш двете земји ја изразија својата подготвеност да потпишат мировен договор иако напредокот е бавен и продолжува да има редовни гранични престрелки.

„Во следните месеци (се надеваме) ќе потпишеме договор со Азербејџан за мир и воспоставување дипломатски односи“, рече Пашинјан на форумот во Тбилиси, на кој присуствуваа премиерите на Азербејџан и Грузија.

Азербејџанскиот премиер, Али Асадов, изјави на форумот дека Баку е посветен на мирот и обновувањето на транспортните врски со Ерменија од 2020 година, но напредокот зависи од Ереван. Карабах, кој меѓународната заедница го смета за дел од Азербејџан, е под контрола на етничките Ерменци од распадот на Советскиот Сојуз во 90-тите.

Поврзани новости