Одбележувањето на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев доаѓа во период кога македонско-бугарските односи се сериозно нарушени и владее тензична атмосфера.
Софија ги користи сите механизми за да ја прикаже Македонија како земја каде не се почитуваат основните човекови права и земја каде Бугарите не се безбедни.
Одредени бугарски организации најавија организирано доаѓање на 4-ти февруари на гробот на Гоце Делчев, додека граѓани од Македонија најавуваат блокади на денот на одбележувањето на роденденот на Делчев.
Во една вака зовриена атмосфера, професорот Александар Спасеновски за „Фокус“ вели дека ова е шанса да се покаже толку посакуваното државно единство.
Сериозните континуирани напади од страна на официјална Софија во последниот период, а кои носат ризик од натамошна ескалација на односите со оваа држава, претставуваат добра причина за конечно демонстрирање на толку посакуваното државно еднинство, вели Спасеновски за „Фокус“.
На прашањето како оваа ситуација се разликува од сите претходни во кои ниту еднаш македонските политички лидери не покажаа зрелост и не се обединија за државните интереси, тој вели:
За разлика од други слични ситуации во минатото, претстојното одбележување на роденденот на Гоце Делчев, може да се искористи на начин според кој лидерите на најголемите политички партии во Собранието заедно со носителите на највисоките државни функции, би биле дел од една делегација или би предводеле одделни делегации кои во исто време, во Црквата Свети Спас ќе ѝ оддадат почит на оваа личност од нашата историја. На тој начин ќе се влијае во насока на смирување на состојбите, ќе испрати силна порака за постоење на меѓуполитичко и меѓуетничко единство за најважните теми, ќе се покаже општествена зрелост и ќе се влијае за постепена промена на односот кон носителите на највисоките функции на власта чиј авторитет произлегува од Уставот на државата, смета професорот.
Доколку обединувањето не се случи, тој вели дека врз основа на актуелниот развој на настаните, како и врз основа на обичаите во минатото при одбележување на слични датуми, постои реална можност одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев да помине во знакот на нови непримерни напади на дел од луѓето кои ќе дојдат од соседна Бугарија во Скопје, како и од страна на дел од други домашни групи кои ќе ги исвиркуваат дел од лидерите тој ден.
Катерина Смилева Божиновска