Претставниците од ДКСК на денешната седница расправаа и за снимка од Локални избори на која се гледа како министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерот животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, користат службени возила за партиски цели.
Во однос на новинарското прашање што понатаму во врска со овој случај, тие одговорија дека нивна задача е материјалот да го проследат до кабинетот на вицепремиерот за добро владеење и тие да донесат одлука.
„Фокус“ ја праша вицепремиерката Славица Грковска што ќе преземе за тоа што Османи и Нуредини користеле службени возила за време на изборна кампања.
Од нејзиниот Кабинет не дадоа конкретен одговор, освен дека штом стигне предметот до нив, ќе постапат според Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата.
Во врска со вашите прашања упатени до Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска, а поврзано со најавите на ДКСК дека има утврдено двајца министри (Османи и Нуредини) користеле службени возила во кампања за локални избори и најава дека случајот ќе биде доставен до вицепремиерката Грковска, Ве информираме дека штом предметот биде доставен до Кабинетот истиот ќе биде разгледан и ќе се постапи во согласност со надлежностите од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и другите функционери избрани и именувани од страна на Владата, велат од Кабинетот.
Користење на службено возило во изборна кампања е прекршување на членот 19 од Кодексот за етичко однесување.
Носителите на извршни функции при патувањата организирани за приватни или партиски цели не смеат да се покриваат со државни средства, ниту пак да се користат привилегиите кои произлегуваат од овластувањата и должностите (дипломатска патна исправа, обезбедување и службен возач/возило) за приватни или партиски цели, освен кога истиот не подлежи на специјални мерки на безбедност, стои во Кодексот.
Во случај на непочитување на одредбите од овој Кодекс, врз основа на мислењето на членот на Владата назначен за одговорен за следење на спроведување на кодексот, претседателот на Владата може да одлучи да примени некоја од следниве мерки:
– изразување на несогласување, односно официјална критика за однесувањето на лицето кое не го почитувало овој кодекс и укажување да го поправи однесувањето при што истато може и јавно да се објави,
– политичка одговорност, односно барање за поднесување на оставка на носителот на извршна функција или предлог за негово разрешување и/или
– покренување на иницијатива за информирање на надлежни институции, најдоцна во рок од еден месец од денот на дознавањето за непочитувањето на овој кодекс, закон, особено Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за заштита на укажувачи и Законот за лобирање.
Катерина Смилева Божиновска