Ќе остане ли Хоџа во Беса или ќе фати друг пат со своите истомисленици?

by fokus

Заменик-претседателот на Беса, Аријанит Хоџа вечерва преку Фејсбук статус соопшти дека тој се оградува од таканаречениот опозициски блок кој денеска го официјализираа лидерот на Беса, Билал Касами, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и Изет Меџити кој ја напушти ДУИ.

-Од денеска целосно се оградувам од политичките дејствија во таканаречениот „опозициски блок“ со оглед на тоа што главните актери, носители на оваа иницијатива не имаат за цел политичка ротација, туку едноставно „перење“ на политички фигури кои не далеку од денес беа актери за одржување на актуелната власт во живот и ја спречија ротацијата во албанскиот политички табор. За детали за политичките убедувања и луѓето кои го делат истото политичко мислење со мене, ќе ве известиме преку прес конференција во текот на оваа недела, напиша Хоџа на Фејсбук.

„Фокус“ го праша Хоџа дали ова значи дека ќе ја напушти партијата или пак ќе најде начин да дејствува во нејзини рамки, но со различни ставови. Тој не сакаше да открива детали додека не се одржи најавената прес конференција.

Во наредните денови ќе имаме јавен настап за целата ситуција и за тоа како ќе дејствуваме, ни одговори Хоџа.

На нашето прашање дали има поголем број на членови на Беса кои го делат неговиот став и се против соработката со Гаши и Меџити, тој одговори: „Апсолутно да“.

Инаку, Изет Меџити кој излезе од ДУИ денеска се сретна со некогашните сопартијци, а сега лидери на Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши. Тие разговарале за принципите на нивната идна соработка со која треба да ја обединат албанската опозиција во земјава.

К.С.Б.

Поврзани новости