На два дена пред почетокот на новата година, во тек е трескавична потрага по природен гас со кој ќе се обезбеди парното греење во Скопје. Доколку денеска не се најде решение, Скопје може да остане без парно греење.
Првиот ден од новата 2022 година за речиси 60 илјади скопјани може да биде многу студен. Корисниците на парно греење на компанијата БЕГ (Балкан Енерџи Груп) од 1 јануари можат да останат со студени грејни тела затоа што не е набавена потребната количина гас за следната година, пишува „Дојче веле“.
Според анализата како што во моментот стојат работите, на помалку од 48 часа до истекот на годината, природен гас за потребите на корисниците во Скопје, не е набавен. Алтернативните опции се набавката да оди преку БЕГ, но оттаму потоа да им го наплаќаат парното греење на корисниците по далеку повисоки цени, или Владата да ја субвенционира набавката со најмалку 13 милиони евра и да нема покачување на цената. Од БЕГ најавија дека ќе одговорат на прашањата на ДВ на оваа тема во текот на денот. Од Владата велат дека преговорите се во тек.
Очекувањата биле дека „Макпетрол“ ќе ги набави потребните количини гас за следната година во договор со рускиот „Гаспром“, откако од БЕГ се пожалија дека немаат пари за набавка. Макпетрол во средата се пофали дека бил постигнат договор со рускиот енергетски гигант, и тоа по 30% пониска цена од берзанската, но притоа соопшти дека договорената квота не го опфаќа и БЕГ. Притоа, во изминатите години, набавката на гас за БЕГ одеше преку неговиот сопственик- АД ТЕ-ТО чија централа ја произведува топлинската енергија за Скопје и за поголемиот дел од државата, а фирмата се јавува и како трговец со гас.
Според последните информации, Макпетрол денеска повторно се вклучил во преговори со Гаспром за да се обезбедат дополнителни количини за потребите на БЕГ.
Северна Македонија е целосно зависна од рускиот гас кој доаѓа од Бугарија преку ткн. Трансбалкански гасовод. Компаниите ТЕ-ТО и БЕГ се во сопственост на руски бизнисмен преку фирми регистрирани на Кипар и Британските Девствени Острови. Во јуни 2019 година, Финансиската полиција отвори истрага за пријавување лажен стечај во ТЕ-ТО АД, како и за перење пари. Компанијата ги демантираше наводите на Финансиската полиција, а неколку месеци подоцна успеа да добие и државна помош од владата. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во декември 2019 година соопшти дека нема докази за перење пари и ја отфрли кривичната пријава во тој дел, за речиси една година подоцна да се отфрли и пријавата на Финансиската полиција за лажен стечај.