Вечерва во Штип заврши 37-то издание на реномираниот фестивал на забавни мелодии „Макфест 2022”. Вчера се одржа првата фестивалска вечер, со релативно нови музички имиња, додека пак втората вечер, беше ревијална.
Публиката ги слушаше новокомпонираните песни на Боно и Кристина Димитри, Деа, Мелани Тарчуловска, Јуле Николовска, Марија Спасовска, Блеа, Ламбе Алабаковски, Тамара Тодевска, Андреа, Викторија Лоба…
Повеќето песни беа со брз ритам, за разлика од минатото, кога на фестивалот најчесто се нудеа балади, кои и до денешен ден се вртат во етерот, а ги пеат и младите генерации.
Така на пример, првата победничка на ,,Макфест”, Хелена Благне, со баладата ,,Кога те нема” остави еден евергрин на нашите простори, песна која освен што уште ја пуштаат радио станиците, ја има и во репертоарите на многу наши пејачи, за време на нивни настапи во живо. Овој хит трае од 1986 година.
Трајче Манев победи со ,,Осамен” во 1987 година, Киќо Слабинац со ,,Не враќај се, не буди ме” во 1988 година, Зорица Конџа го остави хитот ,,А Бог знае” во 1989 година, Љупка Димитровска ,,Ѕвона ѕвонат” во 1990 година…
Олгица Христовска ја збогати нашата културна ризница со ,,Свирете ја зајди, зајди” во 1992 година, Тања Кочовска со ,,Твоите очи сине” во 1993 година, Дуле и Коки блеснаа со ,,Виолина и гитара” во 1996 година.
Ристо Самарџиев, човекот кој има освоено најмногу победи на ,,Макфест” во 1997 година го отпеа хитот ,,Таму кај што си”, а победи и во 1999 година, како и во 2007 и во 2009 година, кога настапуваше во дует со Ирена Крстевска, односно со Дуле и Коки.
Овие победнички песни несомнено оставија трага на нашата музичка сцена, иако беа компонирани и отпеани дури и пред триесет, односно дваесет години.
На годинешното издание на фестивалот, секоја композиција доби по 1.000 евра, додека во минатото сумата беше по 40.000 денари за песна. Оваа промена била со цел да се добие подобар квалитет на музичките композиции.
Помеѓу имињата на авторите, годинава беа застапени Роберт Билбилов, Игор Џамбазов, Иле Спасов, Иван Јованов, Лазар Цветковски, Александар Масевски, Владимир Дојчиновски, Елвир Мекиќ, Весна Малинова, Кристијан Габроски…
Дали публиката ќе ги прифати новите фестивалски песни, ќе покаже времето, но и наградата која ќе се додели наредната година, за најслушана песна помеѓу два фестивали.
Поради тоа и водителите на настанот им порачаа на радио станиците повеќе да ги пуштаат песните од годинешното издание на настанот.
Како потсетување, ,,Макфест 2022” беше поддржан со околу 100 илјади евра, и тоа 4,5 милиони денари обезбедени од Општина Штип и 1,5 милиони денари од спонзори.
Вики Клинчарова