Исплатена е рекордната добивка од 1,7 милиони евра, од постоењето на Државна лотарија, а среќниот играч кој бил од Охрид, посакал да остане анонимен.
Тој ги посетил просториите на Државна лотарија и раскажал дека упорно играл Лото, уверен дека еден ден ќе добие.
– Јас нема јавно да ја споделам среќата, но дел по дел ќе ја делам. Сакам да останам анонимен, како што ќе бидат и моите донации за сите на коишто ќе им помагам, кажал охриѓанецот, а пренесоа од Државна лотарија.
Инаку, рекордната премија на Лото во вредност од над 1,7 милиони евра беше постигната на 10-ти август годинава.
Добитникот, кој го уплатил ливчето на продажно место во Охрид, не се јавил веднаш во просториите на лотаријата, па во јавноста кружеа разни претпоставки околу тоа кој би можел да биде и дали воопшто знаел дека ја добил рекордната премија.
Ова е прва Лото седмица во Охрид, а претходно седмица се има паднато во Скопје, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Кичево, Тетово, Куманово, Битола, Кочани, Струмица…
Вики Клинчарова