Ќе обезбедиме мир, безбедност и сигурност, рече Вучиќ пред утрешниот протест во Белград

by Фокус

Српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ се обрати на јавноста во врска со најавата за утрешниот голем протест во Белград организиран од студентите.

Вучиќ претходно изјави дека опозицијата и демонстрантите разговараат за плановите за предизвикување граѓанска војна и преземање на власта во Србија.

Вучиќ постојано тврдеше дека собирот ќе биде насилен, дека разузнавачките служби имаат информации за планирани инциденти и дека државата ќе спречи обид за „обоена револуција“.

-За мене е клучно државата да не употребува сила освен кога е апсолутно неопходно. Во овие четири месеци не кренавме палка. На сите што ни даваа лекции претходните години им одржавме лекција по демократија  – рече тој.

Вучиќ ги повика граѓаните да останат смирени и најави дека ќе обезбедат „мир, безбедност и сигурност“.

-Ние понудивме избори, тие рекоа дека е невозможно. Понудивме референдум. А јас реков советодавен. Ако испадне дека 50 отсто + 1 граѓанин кажале дека не ме сакаат за претседател, јас истиот ден ќе поднесам оставка.

Знаете ли вчера колку момчиња на 13 и 14 години дојдоа да ги испровоцираат луѓето во паркот? Во тој парк имате и ветерани, имате земјоделци. „Ние многу добро ги познаваме сите ученици во паркот, но не знаеме кои се луѓето од пленумот“ – рече тој.

Тој му одговори на британскиот амбасадор кој рече дека Србија го крши Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина.

-Никогаш не го прекршивме Дејтон, а Британците и некои други го адаптираа за да им одговара. Сега кога не можат да најдат решение во Украина против Русија, сакаат да искористат мала нација и Република Српска – рече Вучиќ.

Поврзани новости