По двочасовна тензична седница на Извршниот одбор, ВМРО-НП не донесе одлука со кого партијата ќе коалицира и кого ќе поддржи на предвремените парламентарни избори на 11 декември годинава, јави Мета.
Како што дознава „Мета“, членовите одлучиле да му дадат уште неколку дена на претседателот на партијата, Љубчо Георгиевски, за да може до викендов да донесе дефинитивно решение. Сепак според информациите работите се движат во насока да се прифати последната понуда која опозициската десничарска партија ја добила од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Како што објави Мета пред самиот почеток на вечерашната седницата на Извршниот одбор на ВМРО-НП, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и доставила нов предлог-пакет за формирање коалиција и за заеднички настап на изборите.
Во предлогот, како што дознаваме, понудени се министерски, директорски и раководни позиции за кадри на ВМРО-НП, доколку им се приклучи и доколку сегашната владејачка партија повторно ја освои власта.