Дилема е дали т.н. меѓународна заедница „пушта вода“ дека ја респектира марионетската, пандемиски корумпирана и за греота Македонија, мајтапејќи се со нејзините воени и стратешки ресурси и дефицит на саглам политичари? Или, пак, ја наградува „бела Рада“ без никаков домашен рејтинг за идеопоклонството и одработеното во нивна полза и интерес?
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Карма, наша карма! Чин кој, без исклучок, зависи од определени причинско-последични врски, па има универзално значење на збир од нешта што го одредуваат животот. Карма беше именувањето на Радмила Шекеринска за заменик генсек на НАТО!
Заедничкиот консензус меѓу сојузниците на Алијансата беше заменикот да биде од Источна Европа. Во најтесен избор влегоа две поранешни функционерки како политички профили, кои „паметно размислуваат за Русија“.
Бугарката Марија Габриел и Северномакедонката Радмила Шекеринска, како што генералниот секретар Марк Руте фино ја дефинира нејзината националност.
По изборот, дискретно изненадени и навредени беа само комшиите од Бугарија, кои зајадливо коментираа дека нивната кандидатка имала многу подобри референци.
„БЕЛА РАДА“
Случајно или не, именувањето се совпадна со дозволата на американскиот претседател Џозеф Бајден, Украина да користи ракети со долг дострел на руска територија. Путин возврати дека ќе одговори со мерки без преседан, вклучувајќи и промена на нуклеарната доктрина.
„Галскиот петел“ Емануел Макрон, пак, побара Вова „да имал здрав разум“ и да учествува во „колективната деескалација во Украина“. Преведено на сочен македонски народноговор, да дозволи со Русија да си играат дрн-дупка. Или како сказната за волкот и јагнето, кое му ја матело водата, иако било подолу низводно.
Дилема е дали т.н. меѓународна заедница „пушта вода“ дека ја респектира марионетската, пандемиски корумпирана и за греота Македонија, мајтапејќи се со нејзините воени и стратешки ресурси и дефицит на саглам политичари? Или, пак, ја наградува „бела Рада“ без никаков домашен рејтинг за идеопоклонството и одработеното во нивна полза и интерес?
Одговорот не сакаат да го знаат само тие што одбиваат да се соочат со моментот на вистината. Иако, повеќе од сигурно, сосема е јасен – двата во едно!
На НАТО ич не му е гајле за домашниот рејтинг на заменик генсекот, а најмалку што мисли за неа рајатинскиот македонски народ. Знае дека таа ќе биде верен следбеник и извршител на одлуките.
Затоа, срцепарателни честитки до неа и до владата упати и американската амбасадорка Ангела Агелер, истакнувајќи ја посебно „македонската улога како ценет партнер во НАТО и во САД“.
Намерно премолчи да каже дека Македонците веќе платија огромна цена со Преспанскиот договор, кој ги остави без идентитет и со Францускиот ултимативен предлог во функција на нов идентитет.
Затоа, не треба да се занесува дека назначување втор човек во самонаречениот „одбранбен сојуз“ има некое значење за нефункционална и бедна Македонија. Ама, затоа ептен се големи егото и сатисфакција на Рада да се нафати и стане „мъжко момиче“, што би рекле нашите источни соседи.
ШАХ-МАТ
Домашните полит-крим-клепто шарлатани од трите статус кво клана пеат оди на радоста: Невиден успех во македонската политичка историја / Голема чест за Македонија / Македонската дипломатија добива круна со нејзиното назначување… Меѓу првите честиташе фалц Европеецот и натовец, зоти УЧК командант со кодошки псевдоним „Аца Антиќ“.
Статус кво клановите повеќе од триесет години го моделираат народот во апатична, анемична и несреќна партиска клиентела. Ја разнебитуваат Македонија и забиваат глогов колец во нејзиното национално ткиво.
Практично, ја федерализираа со територијалната поделба на етнички принцип, па многу политичари денес го употребуваат терминот „албански дел на Македонија“.
Една деценија не спроведоа ниту една од препораките на Прибе, особено реформи во безбедносниот и правосудниот систем, ги шитнаа името, идентитетот, историјата и јазикот, ја прифатија Тиранската платформа за двојазичност, балансер за етнички вработувања.
Го укинаа револуционерното партиско тужибапство СЈО, кои сами го стокмија. Забранија објавување на десетици илјади т.н. „бомби“ од тајните прислушувања, го злоупотребуваат европското знаменце за мафијашки цели и мотиви, какви што беа измените на Кривичниот закон заради застарување на сторените кривични дела, пандемиската корупција и задржување на ограбените милиони.
Оттука, само по себе се наметнува судбинското реторичко прашање: „Ќе го биде ли провизориумот Македонија“?
Збирштината апаши, порано или подоцна, најверојатно по локалните избори, ќе ги внесат Бугарите како конститутивен народ во Преамбулата на Уставот. Такви се, полни со себе, а за никаде – немарни, неодговорни, неспособни, неуки, неасални.
Покрај задницата, под кирија ја даваат и душата, сѐ во пуста лажна надеж дека невестата со акроним РСМ ќе ја армасат во ЕУ-фамилијата.
Шах-мат позиција!