Попрво вода во пустина ќе најдеш, отколку правда во Македонија, објави вчера Маја Трпковска, мајка на убиениот Пино Секондо, откако Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда на Ангела Ѓорѓиевска, осудена на 19 години затвор за убиството на Пино.
Пресудата била укината поради суштествени повреди во постапката, а случајот вратен на повторно судење. Притворот за Ѓорѓиевска бил продолжен, а јавноста деновиве ќе дознаела зошто е укината пресудата. Случајот со убиството на Пино (26) долго ја брануваше јавноста. Тој исчезна од семејниот дом во Скопје во декември 2018 година, и по него се трагаше со месеци.
Неговото тело беше случајно пронајдено на 29-ти април 2019 година, од минувач на местото викано Башинец во атарот на село Љуботен. Лани, на 13-ти јули, Ѓорѓиевска беше осудена на 19 години затвор за помагање во неговото убиство. Али Фуркан кој со пушка го застрелал во главата Пино, а потоа со Ѓорѓиевска заедно го закопале во атарот на Љуботен, е во бегство. На денот кога беше изречена пресудата, мајката на Пино во телефонски разговор за „Фокус” појасни дека не ја слушнала лично, бидејќи била во домашна изолација во Италија (нејзиниот сопруг е Италијанец и живееа на релација Македонија-Италија).
Вознемирено раскажа дека со сопругот, кој има здравствени проблеми се во шок, бидејќи очекувале поголема казна, односно во текот на судскиот процес, таа бараше казна доживотен затвор за убијците на нејзиното дете.
-Очекувавме, ако веќе зборуваме за правда, доживотен затвор. Не може да одземеш нечиј живот, да си го дозволиш тоа право, и да поминеш вака… Ова е само еден лош пример, еден вид на поттик на потенцијалните убијци, на криминалците… Зошто нема доживотна казна за вакво дело? Зошто не се менуваат законите во Македонија, зошто ова не се искористи како пример за другите, за во иднина некој добро да размисли пред да крене рака, пред да одземе нечиј живот?-прашуваше очајната мајка.
Уште од самиот ден кога исчезна нејзиниот син од домот во Скопје, таа неуморно се бореше за негово пронаоѓање, излегуваше во јавност, бараше одговори од надлежните служби, организираше протести со родители чии деца исто така исчезнале без траг. Беше гласна и порачуваше дека нешто мора да се смени, да се работи на измена на законите, да се даваат казни како во развиените земји, посебно кога се работи за убиство. Се присети дека за време на судските рочишта и била потребна голема сила за да може да ја гледа Ангела.
– Дојде ред, таа да ми каже дека ќе бара морална оштета од мене, пари, бидејќи на социјалните мрежи сум ја нарекувала со погрдни имиња. Самото тоа зборува доволно за неа, за тоа како таа гледа на целата оваа трагедија, за тоа каков човек е. Му реков тогаш на адвокатот, како што одат работите, ќе излезе на крај дека ние сме виновниците, а убијците се оштетените… И така гледам на нештата, ќе поминат тие години во затвор, таа ќе излезе на слобода, ќе продолжи да си го живее животот, без каење, без грижа на совест… Само за Пино животот заврши. Затоа, мора да се дава казната доживотен затвор, не дека тоа е правда за оние кои изгубиле дете, туку еден вид на утеха, ако може и така да се нарече- ни раскажа Трпковска лани, по изрекувањето на пресудата.
Поради тоа што семејството живееше на релација Македонија – Италија, случајот ја вознемири и јавноста во Италија.
-Еднаш убиец, зошто да не и повторно? Кој би гарантирал? Таа еден ден ќе се движи слободно помеѓу луѓе, помеѓу деца… Знам дека не сум првата мајка која изгубила дете. Би сакала да можам да кажам дека ќе бидам последна, посебно на ваков начин… Ама дајте луѓе, надлежни институции, политичари, променете ги законите! Родители кои секој ден сте на гробовите на вашите деца, борете се за промена, тие кои свесно одзеле живот, да добијат доживотна затворска казна-беше апелот на очајната мајка.
По трагедијата која им се случи, рече дека ниту таа, ниту пак нејзиниот сопруг, Италијанец, и помалиот син помислуваат за враќање назад, во Македонија.
Вики Клинчарова