Адвокатот Влатко Илиевски за ,,Фокус” изјави дека по одлуката на Судот за човекови права во Стразбур нема простор за триумфализам кај Владата, бидејќи ова не значи дека аболицијата е прогласена за неважечка.
Истакна дека кога за овие случаи ќе треба да се одлучува во втор и трет степен, домашните судови треба да ги земат во предвид агрументите наведени во апликациите.
Илиевски уште во ноември 2017 година ја поднесе првата апликација до Судот во Стразбур, а потоа следуваа уште осум, кои се однесуваат на вкупно 10 оштетени.
Помеѓу апликациите е и онаа, на неговата сопруга Гордана Јанкуловска, поранешна министерка за внатрешни работи, која служи затворска казна од четири години за случајот ,,Тенк”, односно за набавката на мерцедесот на Груевски.
Нејзе и остануваат уште една година и околу седум месеци до отслужувањето на казната, а кога беше спроведена во затворот ,,Идризово” нивниот син имаше две години.
Околу тоа како гледа на одлуката на Судот за човекови права во Стразбур, кој објави дека апликациите се недопустливи, односно осудените и обвинетите не ги исцрпиле сите домашни правни лекови, не како адвокат, туку како сопруг, Илиевски за ,,Фокус” појаснува дека не би сакал да ја изнесува емотивната страна на случајот во јавност.
-Едноставно, научени сме да одиме по потешкиот пат и ќе истраеме на патот во потрага по правда, колку време и да е потребно за тоа, и која и да треба жртва да се даде! Што би рекол Винстон Черчил, ,,we shall fight on the beaches…we will never surrender” (ќе се бориме на плажите…никогаш нема да се предадеме), затоа што аргументите се на наша страна – кратко порача Илиевски.
На 12 април 2016 година, тогашниот претседател Ѓорге Иванов аболицираше 56 лица, помеѓу кои се апликантите Гордана Јанкуловска, Владимир Талески, Едмонд Темелко, Никола Груевски, Тони Јакимовски, Миле Јанакиески, Киро Тодоровски, Сашо Мијалков и Кирил Божиновски.
Тие сметаат дека кривичниот прогон треба да запре со образложение дека помилувањето кое го добиле од поранешниот претседател Иванов не можело да се повлече.
Вики Клинчарова