Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и денеска ќе носи одлука за цените на нафтените деривати кои ќе важат од полноќ.
Одлуката, како што изјави портпаролката на РКЕ Марина Узинов, ќе биде соопштена во текот на денот.
– Предусловите се исполнети, РКЕ ќе донесе одлука која ќе биде на сила од 00:01 часот (на полноќ) 18.03.2022, изјави Узунов.
Цените на горивата се носат врз основа на изменетиот Правилник за одредување на малопродажните цени на нафтените деривати со кој РКЕ може секој ден да носи одлуки за промена на цените на горивата доколку пресметката за цената на било кој нафтен дериват оди нагоре или надоле за два денара.
За пресметката се зема просекот од претходните петдневни котации на берзата и воопшто не влијае цената на суровата брент нафта на светскиот пазар.
Цената на нафтата на светските берзи денеска повторно паѓа. Вредноста на барел нафта на лондонскиот пазар утринава изнесува 100 долари, што е пад на цените во однос на вчерашниот ден кога изнесуваше 102 долари.
Во исто време, барелот на американскиот пазар се тргува за 97 долари и е под таканаречената магична граница од 100 долари.
За потсетување, минатиот петок овие деривати се тргуваа по цена од 110, односно 107 долари, а цената потоа продолжи да паѓа на сите нивоа од околу 100 долари за барел на европскиот пазар.
На почетокот на минатата недела цените на барелите беа на рекордно ниво и се искачија на 130 долари.