Ќе има ли јунак во „Судската палата“ што ќе ја конфискува „Белата палата“?

by fokus

Луксузот на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ може да заврши во рацете на граѓаните и да застари кривичното дело за обвинетите во случајот „Талир 2“. Правно и теоретски тоа е изводливо. Но, политиката и судската практика може да го подарат луксузот неказнето.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Скромна, дури и неугледна жолта зграда на атрактивна локација во центарот на Скопје, на улицата Македонија со години беше синоним за тогашната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ. На жолто ѕитче беа напишани буквите на партија со златна боја, а пред влезот стоеше жолто-црвениот грб на партијата со симболот лав.

Сопственост на партијата беа просториите во оваа зграда, но не и градежното земјиште на кое се наоѓа зградата. Во 2009 година, кога партијата веќе имаше огромна моќ, ваквата состојба почнува да се менува и ВМРО-ДПМНЕ станува „најбогата политичка партија во Европа“ и жолтата куќа станува неокласична „Бела палата“ на осум ката.

Во 2022 година, кога судијката Даниела Алексовска-Стојановска ја изрече пресудата за случајот „Талир 2“ и рече дека ќе се конфискува седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, одлуката во јавноста одекна како конечна победа на правдата, односно дека незаконскиот луксуз на партијата конечно ќе му припадне на народот.

Судот му одредени казна затвор од 6 години на првообвинетиот поранешен премиер, кој е во бегство, Никола Груевски, додека на второобвинетиот поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, му одреди условна казна затвор од две години.

Тие беа прогласени за виновни затоа што незаконски, со злоупотреба на положбата, за партијата ВМРО-ДПМНЕ прибавиле нов објект вреден 7 милиони евра и дополнителни 2 милиони евра со кои купиле дополнителен недвижен имот.

– Со самата судска разрешница на овој предмет, Судот испраќа порака до јавноста дека во оваа демократска држава сите се еднакви пред законот, дека никој не е привилегиран и секој ќе одговара за последиците што ги предизвикал со прекршување на законот – изјави во судницата Алексовска-Стојановска.

Судијката дури прати и порака дека ниту едно одговорно лице во партијата не треба да се осмели да стори такво или слично кривично дело.

– Не помалку битна е пораката дека никој не може да ја задржи непосредната и посредната имотна корист со извршување на кривичното дело, ниту, пак, да ги задржи или присвои предметите што настанале од извршување на кривичното дело – порача судијката.

Зборовите на Алексовска-Стојановска звучеа силни и одлучни, но времето и реалноста не ги потврди, иако сѐ уште не може да се каже дека „Белата палата“ се спаси.

ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ ПРОТИВ КОЛЕГИТЕ

Судијката што ја изрече пресудата конкурираше за судија во повисокиот, Апелациски суд, но, иако беше високорангирана, не ја доби поддршката од членовите на Судскиот совет.

Токму пред повисокиот суд, пак, вишиот обвинител Јован Цветановски побара да се укине првостепената пресуда и предметот да се врати на повторно судење бидејќи првостепената пресуда била неразбирлива и од нејзе не можело да се утврди какви дејства презеле обвинетите.

Цветановски е обвинителот што ја поддржа ослободителната пресуда за случајот „Тортура“, во кој беше обвинет, но ослободен поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а беше унапреден во Вишото обвинителство пред смената на власта.

Тој се спротивстави на барањето на својот колега што го водеше предметот, Љубомир Лапе, кој, пак, поднесе жалба на првостепената пресуда.

Во време на ВМРО-ДПМНЕ, Цветановски ѝ беше заменик на скопската обвинителка Гордана Гешковска, а заедно со неа и со колегата Златко Биковски се спасија од разрешување иако беше констатирано дека не постапиле по „Крвавиот четврток“ што се случи на 27 април 2017 година.

Петчлена комисија во Јавното обвинителство констатираше дисциплински повреди за непостапувањето по настаните од 27 април, но на тројцата обвинители им беше само намалена платата.

Обвинителите по „Крвавиот четврток“ направиле увид на местото следниот ден, но дотогаш веќе биле изнесени компјутерските хард-дискови со снимките од законодавниот дом.

Освен што побара да се укине првостепената пресуда, Цветановски побара да се земат предвид и измените на Кривичниот законик што владата ги предложи, а Собранието експресно ги изгласа и со него пропаднаа над десетина судски предмети и се спасија десетици обвинети.

Со овие измени се избриша став 5 од членот 353, кој се однесува на „злоупотреба на службената положба“ и се намали казната за делото „злосторничко здружување“.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости