Јавното сообраќајно претпријатие три години доброволно ги вози студентите бесплатно, откако претходната Влада не ја продолжила одлуката во време на пандемијата со коронавирусот, кога наставата беше онлајн.
Пред 2 години, Министерството за образование вети дека ако студентите се вратат со физичко присуство ќе обезбедат средства за бесплатен превоз, но досега не се предвиделе и исплатиле пари.
Затоа и новата министерка Весна Јаневска вели дека нема основа за подмирување на овој долг.
-Нема правен основ по кој министерството за образование би го исплатило тој долг. Нема спогодба, нема договор, нема владина одлука. И да сакам, не можам. А јас сакам студентите да имаат слободен превоз и за следната година ние планираме средства за слободен превоз за студентите – вели Јаневска.
ЈСП нема да ја укине оваа можност за студентите. Директорот Драги Кушовски за Сител вели работите се движат во позитивна насока.
-Работите одат натаму да се реши проблемот. Има позитивен импулс за решавање на состојбите од сите инволвирани страни, со цел претходната ситуација што е настаната, од кои причини не знам, но сега има имплус да се решат работите позитивно за студентите и за граѓаните – вели Кушовски.
Тој додава дека сега ЈСП располага со околу 190 автобуси, а за да биде пополнет летниот возен ред потребни се 235.