Ќе има и струја и парно за најтешката зима, но сѐ ќе биде скапо

by fokus

Во пресрет на престојната зима за која се вели дека ќе биде најтешка во последните децении, надлежните институции уверуваат дека ќе има доволни количини на јаглен и мазут за домашните енергетски капацитети да можат да ја произведат потребната електрична енергија. Навреме се очекува да почне и грејната сезона во Скопје каде треба да се избере нов економски оператор по одземањето на лиценцата на БЕГ, а од август поскапи за 14,18 проценти ќе бидат сметките за парно греење.

ЕСМ, како што изјави генералниот директор Васко Ковачевски во средата по состанокот со Македонската енергетска асоцијација, веќе ги набавува потребните енергенси и го зголемува сопствениот ископ на јаглен со цел да го максимизира производството на електрична енергија. Приоритет ќе биде да се обезбеди електрична енергија за граѓаните, но и да се задоволат потребите на стопанството.

Првиот човек на ЕСМ е оптимист дека ќе има доволно јаглен за престојната зима, а во случај на целосен застој, за кој вели дека ниту се случил, ниту пак ќе се случи, на ископите има јаглен за околу десетина дена.

– Нашата обврска е околу 100 илјади тони секогаш да имаме резерви на јаглен. Тоа сликовито значи ако воопшто не се произведува јаглен и ако нема испорака, ќе имаме за 10-тина дена работа, но тоа никогаш не се случило, ниту пак ќе се случи, изјави Ковачевски во интервју за телевизија „Телма“.

Според него, резервите на јаглен на депониите се зголемуваат во есенскиот период и во октомври кога ќе почне грејната сезона треба да има меѓу 200 и 250 илјади тони јаглен коишто ќе гарантираат сигурно производство во текот на грејната сезона.

Во тек е и набавката на мазут за рестартирање на ТЕЦ Неготино кој треба да почне со работа и да работи во континуитет во наредниот период.

Во август, според најавите на првиот човек на ЕСМ, треба да се објави и нов оглас за набавка на околу 180 до 200 илјади тони мазут кои треба да бидат доволни за периодот од ноември до април.

И премиерот Димитар Ковачевски уверува дека сите капацитети на Владата се ставени во функција и се надева на успешно справување со најтешката зима.

– Во мај кажав дека пред нас е најтешката зима и тогаш бев обвинуван за тоа што го говорам. Оваа најтешка зима е резултат на војната во Украина и сите проблеми што се случија на светскиот пазар со зголемувањето на цените на нафтените деривати и на електричната енергија за која пости опасност дека ќе ја нема во доволни количини на европскиот континент. Ова не е заклучок само на нашите експерти, туку на експерти од светско реноме. Затоа при конципирањето на ребалансот ги имавме предвид овие факти и обезбедивме 76 милиони евра за нови антикризни мерки, кои се во фаза на подготовка, и кои ќе бидат консултирани со коморите и потоа операционализирани, рече Ковачевски на собраниската седница за пратенички прашања.

Надлежните велат дека навреме ќе почне и испораката на топлинска енергија за скопјани кои од 1 август ќе плаќаат поскапо парно за 14,18 проценти.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи вчера порача дека во моментот најважно е постапката за избор на нов економски оператор да биде транспарентна и да заврши навреме.

– Според Законот за енергетика, БЕГ мора да ги исполнува своите обврски додека не се назначи нов економски оператор. До пред две седници на Владата беше задолжен Генералниот секретаријат да распише процедура за нов економски оператор. Дали тоа ќе биде ЕСМ или кој било друг оператор не можеме да прејудуцираме, рече Битиќи одговарајќи на новинарски прашања по вчерашната прес-конференција во Владата.

Вчера и Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука да ја зголеми цената на парното греење за 14,18 проценти. Се предвидува когенеративната термоцентрала ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите.

– Цела Европа и регионот имаат сериозни проблеми во енергетскиот сектор заради превисоките цени на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија. За производство на топлинска енергија користиме увозен природен гас чија цена денес е околу 10 пати повисока од цената во јули 2021 година. Енергетските компании што вршат снабдување со топлинска енергија побараа зголемување на цената и до 78 проценти. Во денешните одлуки зголемувањето на цената за најголемиот број потрошувачи кои се снабдуваат од БЕГ е само 14,18 проценти што се должи на значајната субвенција во цената на топлинската енергија за домаќинствата од страна на Владата, изјави вчера претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Тој предупредува дека доколку не се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија, тогаш ќе мора да се користи мазутот за производство што е многу неповолно од еколошки аспект и е ризично за граѓаните.

Од РКЕ апелираат до сите потрошувачи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.

– Еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу пет проценти, вели Бислимоски.

Од Владата најавуваат мерки за поддршка за најранливите категории на граѓани кои немаат алтернатива за греење, освен парно.

– Министерството за финансии веќе работи на дизајнирање на ваквите мерки за поддршка на најранливите категории. Мерките треба да бидат таргетирани и насочени кон семејствата кои имаат ниски примања, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на вчерашната прес-конференција во Владата.

Во август, според најавите, се очекува да биде прогласена кризна состојба во земјава во делот на енергетиката.

Поврзани новости