Ќе им се одземат лиценците на уште три фирми што произведуваат медицински канабис, со што нивниот број ќе достигне девет, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу додавајќи дека се анализира работата на уште една компанија.
-Досега 23 компании се процесирани, а за три е сигурно дека ќе им бидат одземени лиценците. Четвртата се анализира – рече Алиу.
На 24 февруари, Владата донесе одлука за одземање на лиценците за одгледување марихуана за медицински цели на шест фирми кај кои комисијата формирана од Министерството за здравство утврдила повеќе недостатоци во работењето.
Алиу тогаш рече дека се одземени лиценците на компаниите: „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, кај кои се констатирани неправилности од различни аспекти – административни, инфраструктурни, технолошки, како и недостаток на човечки ресурси.
Дел од нив, конкретно компанијата „Алфафарм“, се споменува во истрагата на српското обвинителство за организиран криминал за откриените пет тони марихуана во околината на Крушевац, за што е осомничен и еден од нејзините четворица косопственици.