ОН: Насилството во домот не е приватна работа, тоа е кршење на човековите права

by vlatko 19:12
19:12

Доказите покажуваат дека 45 отсто од жените во Македонија доживеале насилство од интимен партнер, а само околу 2 отсто од тие што преживеале ваква траума се решиле да пријават во полиција, се наведува во дел од заедничката изјава на телата на Обединетите нации во земјава по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.

„Додека Северна Македонија се подготвува да го одбележи Меѓународниот ден на жената во 2026 година, семејството на Обединетите нации во земјата им се придружува на жените, девојчињата, семејствата и заедниците низ земјата – и светот – во повик за иднина каде секоја жена и секое дете ги уживаат своите целосни права, еднаква правда и живот без насилство, дискриминација и страв“, стои во заедничката изјава на Меѓународната организација за труд, телото на ОН за миграција, УНДП, УНЕСКО, УНХР, УНИЦЕФ, СЗО…

Годишното одбележување, како што се наведува во изјавата, се случува во сенка на трагичниот настан во кој два живот се изгубени како последица на семејно насилство.

Оваа трагедија, велат телата на ОН во земјава, е болен потсетник дека родово базираното и семејното насилство и понатаму остануваат една од најраспространетите и најразорни форми на насилство што ги погодуваат жените и децата.

Според нив, иако е очигледен напредокот на земјата во усогласувањето на законодавството со Истанбулската конвенција, Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за насилство и вознемирување, трагедии како оваа потсетуваат дека правните обврски мора да се преточат во реална заштита.

Насилството во домот, според телата на ОН, не е приватна работа, туку сериозно кршење на човековите права, а кога жената не безбедна, не се безбедни ниту децата, се вели во изјавата.

Слични вести