Управата за јавни приходи на 25 ноември ќе ги блокира сметките на оние компании кои го немаат платено данокот на солидарност, најави денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска на прес-конференција на која информираше за податоците од даночните пријави на граѓаните за минатата година.
„Бидејќи рокот беше до 25 октомври, за сите оние кои немаат направено плаќање на данокот на солидарност ќе преземеме мерки согласно законот за даночна постапка, односно согласно нашиот календар на 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, а доколку и потоа нема направено уплата на 24 ноември веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“ – рече Лукаревска.
Лукаревска рече дека пријавена обврска за плаќање на данокот на солидарност имале 150 даночни обврзници, а вкупната сума на средства што се уплатени заклучно до денес е 2 210 108 927 денари.
„Најнискиот износ на платен данок на солидарност изнесува 39 342 денари, додека највисокиот поединечно платен износ за данокот на солидарност изнесува 257 293 088 денари. Имаме само од страна на еден даночен обврзник направено пребивање со повратот на ДДВ во износ од 42 259 181 денар“ – додаде Лукаревска.
На прашањето колку од тие 150 даночни обврзници досега не платиле и дали меѓу нив има јавни претпријатија, рече дека уплата имаат направено 99 обврзници и потврди дека во останатите што го немаат подмирено долгот има и јавни претпријатија.