Атиџе Муратова, ѕвездата на документарниот филм ,,Медена земја” е гордост на нашата општина, и жал ни е што се соочува со проблеми. Јавно ја повикувам да дојде во просториите на општината, заеднички да изнајдеме решение за немилите ситуации со кои се соочува – за ,,Фокус” вели Бошко Цветковски, градоначалник на Општина Лозово.
Неговата реакција доаѓа откако Муратова јавно се пожали дека има проблем со соседот во Бекрилија, кој во повеќе наврати ја ограбувал.
И во минатото Атиџе често раскажуваше за ситуации кога соседот и украл стари трмки со пчели, но и дека и украл 20 нови трмки во кои требало да се вселат пчели.
Како што појаснува градоначалникот, тој ќе направи се што е во законски рамки да и помогне на пчеларката.
Порача таа да дојде на разговор во општината, каде службите ќе и помогнат да се изготви барање за одобрување на финансиски надомест, кој потоа, доколку се изгласа на Совет, Атиџе ќе може да го искористи за ангажирање на правно лице, кое би и помогнало во судските процедури, со цел да добие заштита, односно, како што самата бара, забрана за приоѓање од соседот.
-Имаме годишен буџет кој е наменет за социјално ранливи категории на граѓани, верувам дека Советот ќе и одобри помош на Муратова, која потоа би можела да ја искористи за ангажирање на адвокат, односно правник. Не треба да се двоуми, нашите служби целосно ќе ја упатат во процедурата за изготвување на барањето, таа само ќе треба да го потпише.
Не смееме да бидеме неми сведоци на апелите на Атиџе, затоа топло ја покануваме во општинските простории – ни изјави Цветковски.
За Атиџе, која храбро се носи со тешкотиите во секојдневието, одгледувајќи ги своите пчели, јавноста дозна преку ,,Медена земја”, документарниот филм кој го прикажа нејзиниот живот.
Филмот имаше премиера во 2019 година, и беше номиниран на 92-та церемонија на Оскарите во категориите за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм.
Истиот оствари забележителни успеси на повеќе филмски фестивали.
Вики Клинчарова