Нов случај на палење на слот машини во казино за помалку од два месеца е регистиран во земјава. Приведен е 35-годишен маж од Долно Оризари, кој е осомничен дека во казино во Битола пред два дена истурил бензин врз апаратите за игри на среќа и ги запалил, по што пожарот зафатил дел од инвентарот.
Лицето се соочува со затворска казна од една до десет години, и против него е поведена истрага поради сомнение дека сторил ,,Тешки дела против општата сигурност” од член 292 став 1 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Со иста казна се соочува и 42-годишен маж од Бузалково, кој во јануари откако изгубил пари во казино во Велес, ги полеал апаратите со запалива течност и ги запалил, а пожарот предизвика голема материјална штета, но истовремено и страв кај луѓето кои живеат во зградата над казиното, кои беа евакуирани додека траеше гасењето на пожарот.
Инцидентите во казината кои изминатиот период се се пораспространети во градските подрачја, станаа секојдневие. Тепачки, вооружени грабежи, демолирање од страна на нервозни коцкари кои изгубиле пари, разочарани семејства кои се борат со зависноста од коцкање на свои блиски, од една страна, наспроти реакциите на вработените во казината, кои тврдат дека се работи за легална стопанска гранка која вработува над 10.000 лица, од друга страна, и кои реагираат на иницијативите за дислоцирање на казината подалеку од градовите.
До редакцијата на „Фокус“ се почесто стигаат апели на граѓани кои се борат со зависноста од играње на игри на среќа на свои блиски членови, и кои раскажуваат дека минуваат низ пекол. Има приказни за разводи, преселби во странство, затворање на семејни фирми, угледни и работливи семејства доаѓале до питачки стап, со големи долгови и нарушени односи, токму поради неконтролираното играње на комар.
-Зошто медиумите не пишуваат повеќе за оваа епидемија која ни се случува? Го пратив син ми да студира во Скопје, на пат до факултет десетици казина. Првин со друштво влегле поради љубопитност, привлечени од светкавите реклами, што е и донекаде разбирливо на таа возраст, и толку беше.
Од нашиот мирен живот не остана ништо. Како да стана друга личност, го изгуби разумот, изгуби способност за здраво расудување. Секој денар отиде на апаратите, долгови, кавги, од дома распродаваше покуќнина! Ветувања и извинувања, нема повеќе да седнам на апарат, и потоа пак по старо.
Видовме дека нема надеж, нема никаква грижа од државата за овие млади лица кои потпаднале под оваа зависност, се спакувавме и се преселивме во туѓа земја. Јас сега, во моите педесетти години, почнувам од почеток, работам во фабрика! И син ми работи со мене, под кирија живееме во туѓа земја, оставивме дома и куќа и имот и блиски луѓе, само да го тргнеме од зависноста.
Се срамам поради се што ни се случи, што не знаевме како да реагираме и како да се избориме со ова зло – за „Фокус“ раскажува лице од внатрешноста, кое минатата година со семејството се преселило во Германија.
Доаѓаат сведоштва и од други лица, чии блиски заминале во странство, бидејќи овде не можеле да ги оттргнат своите деца од игрите на среќа.
-За десеттина години уште повеќе ќе се почувствуваат последиците од коцкањето. Сега, уште се млади оние кои се навлечени на апаратите за игри на среќа, уште немаат оформено семејства повеќето од нив. Кога еден ден ќе создадат семејство, дури тогаш ќе биде уште полошо, оти ќе треба да донесат и за децата.
Наш пријател се пресели во странство откако му се ожени синот, кој со години пред тоа играше комар. Мислеа дека ќе добие дете, ќе се среди, но ништо не помогна. Цела плата ја трошеше уште првиот ден.
Се срамеа луѓето да излезат надвор од тоа кое им го приредуваше синот. Од немај каде, заминаа во странство, сите. Таму ако ја потроши платата, нема кој да му даде, ќе остане на улица, па започна да се враќа во нормала. Се плашат луѓето да си дојдат назад, страв им е пак да не им се повтори истото, да не им се навлече детето на коцкање повторно – раскажува наш соговорник.
Друга приказна која дојде до нас, исто така од внатрешноста, поради коцкање завршила со развод, и тоа само неколку дена по свадбата. Родителите на младите подигнале кредити за да направат свадбена забава, неколку дена по свадбата младоженецот ги зел парите кои гостите им ги донеле како свадбен подарок и сите ги потрошил на апаратите.
Роднини на сега веќе поранешниот пар, креваат рамена и велат – Такво зло никому да не му се случи. Срам ни е и да кажуваме. Зрел човек, така да изгуби разум!
-Заминавме на одмор како млад пар, прво летување со нашето дете ни беше. Додека јас уште ги распакував куферите во апартманот во Охрид, тој излезе нешто да купи и не се врати со часови. Кога дојде, знаев што ќе каже. Сите пари кои ги носевме за летувањето, ги изгубил на апаратите. Се спакувавме и се вративме назад. Тоа беше последната капка која ја прелеа чашата, зависноста ја плативме со бракот – вели наша соговорничка.
Сите кои споделуваат слични приказни, за семејни драми предизвикани поради коцкање на близок член на семејството, велат дека се срамат од она низ кое минуваат, најмногу поради неможноста да најдат начин да го прекинат тој магепсан круг.
Не сакаат да излегуваат во јавност со име и презиме поради срам, и велат дека надеж гледаат во движењето „Анти коцкање“, дека се надеваат како апелите и залагањето на ова движење можеби ќе вродат со плод, и дека ако не друго, барем казината ќе се дислоцираат подалеку од населените места, за да не им бидат лесно достапни на млади луѓе, кои штотуку станале полнолетни, се уште се оформуваат како личности и кои лесно можат да навлезат во тој свет.
-Не се срамиме само ние, чии блиски тргнале по тој пат. И самите тие, кои станале зависни од игри на среќа, имаат срам, ама не знаат како да си помогнат. Некои казина чии влезни врати се на раздвижена улица, имаат и задни врати, од кои влегуваат оние коцкари кои не сакаат народот да ги гледа.
И во минатото, во секој град имаше луѓе кои беа познати како комарџии, се собираа и играа на црно. Но, на прсти се броеа, парите циркулираа помеѓу нив. Вака, со оваа лесна достапност, секој може несвесно да се изгуби во тој лавиринт, од кој многу тешко се излегува- реагираат семејства на лица кои навлегле во тој свет.
Вики Клинчарова