Ќе ги отфрли ли Џафери амандманите на ВМРО-ДПМНЕ?

by fokus

Се уште е неизвесно што ќе се случува на денешната седница во Собранието, закажана за 13.00 часот каде прва точка која ќе се разгледува ќе биде Законот за употреба на јазици. Високи владини претставници изминативе денови најавуваа конечно донесување на спорниот закон, а и самиот премиер, Зоран Заев, изјави дека неделава законот мора да се донесе, што ги зголемува очекувањата од денешната седница.

Пратениците се резервирани по однос на тоа како Законот ќе биде донесен, имајќи во предвид дека на гласањето му претходи расправата од илјадниците амандмани кои ги поднесе опозицијата. Оставаат на претседателот, Талат Џафери да го пресече јазолот и да ја одблокира работата на Собранието, како би се расправало за поприоритетните реформски закони.

Неофицијално дознаваме дека Џафери ќе ги отфрли амандманите затоа што се спротивни на деловникот.

-Џафери е претседател на Собранието и тој треба да донесе одлука, согласно деловникот седниците да продолжат, а Собранието непречно да работи – велат од парламентарното мнозинство.

Имено, во амандманите на ВМРО-ДПМНЕ е направен пропуст кој Џафери ќе го искористи за да ги отфрли сите одеднаш. На тој начин ќе биде возможно да се гласа за Законот за употреба на јазици, како би била надмината пречката од која парламентот со недели се сопнува.

Но ваквиот чекор може да предизвика жестока реакција од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Од оваа партија изјавија дека ќе присуствуваат на седницата за да ги образложат своите амандмани. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, пак порача да се избегнат лоши сценарија во Собранието, а од партијата додаваат дека носењето на закони на незаконски начин во индина може да стане пракса.

 

Поврзани новости