Вчера во Кавадарци се одржа презентација за намера за изградба за фабрика за еколошка преработка на гума во општината, и бројни се реакциите на граѓаните кои се децидно против изграбдата, сметајќи дека со нејзината работа ќе се загади животната средина и ќе се загрози јавното здравје.
На јавната расправа кавадарчани порачаа дека се против отворање на било каква фирма од областа на Г1, тешка и загадувачка индустрија, и од денес веќе се започна со собирање на потписи како дел од неформална граѓанска иницијатива, со цел да се спречи отворањето на фабрика за рециклажа на отпадни гуми.
Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, во изјава за медиумите тврди дека станува збор за центар за рециклирање на гуми од кој профит ќе имаат само приватните инвеститори и поранешен висок функционер на ВМРО ДПМНЕ, затоа што овој центар се планирало да се прави на негово земјиште.
-Како аргумент за јавен интерес се користи тоа што овој центар треба да отвори триесетина работни места.
Но, тоа е килав аргумент затоа што потенцијалот за загрозување на животната средина и загрозување на јавното здравје што го има овој проект е несразмерно поголем од користа од тие триесетина работни места кои се незначителна бројка за Кавадарци, а не пак за цела Македонија, вели пратеникот.
И ОО СДСМ Кавадарци излезе со свој став по повод намерата за отворање на фабрика за рециклирање на гума, а претседателот Вуко Мелов кажа дека бројот на заболени од канцер од година во година се зголемува.
– Секој од нас има член на семејство, близок, роднина, пријател, кој е пациент на онкологија. Затоа сум против овакви проекти, инвестиции кои ја уништуваат животната средина и животот на луѓето. Не смеат личните интереси, профитот на поединци, да вреди повеќе од животот на луѓето-вели Мелов.
По повод случувањата, со свој став се огласи и градоначалникот Митко Јанчев. Тој тврди дека Општина Кавадарци заедно со Советот на Општина Кавадарци и тој како градоначалник на општината, нема никогаш да дозволат да се загрози квалитетот на живот, околината и животната средина во која живееме.
-Вложувањето на постоечките ресурси за поздрава животна средина и чисто Кавадарци, во изминатиот период, имаат донесено доста видливи резултати, и Кавадарци со причина за наоѓа на врвот на листата за најчисти и најеколошки општини во нашата земја.
Никогаш нема да дозволиме и недолично однесување на поединци кои сакаат да пласираат и низа на дезинформации кон јавноста.
Општина Кавадарци, како и досега, ќе остане крајно транспарентна во сите понатамошни процеси кои ги налага законската регулатива.
Јас живеам во нашето Кавадарци заедно со мојата сопруга и моите 3 деца, како и поширокото семејство, и нашата намера е дека ќе останеме во убавото Кавадарци. Токму поради тоа секогаш ќе бидам посветен за поздрава животна средина, за екологија на повисоко ниво, и ќе продолжам со сите активности кои се во моја надлежност а кои можат да придонесат за здрав и квалитетен живот, порача градоначалникот.
Вики Клинчарова