Ќе бидат ли разрешени лекарите по вмровски терк, кои одлучуваа кои деца ќе се лекуваат во странство?

by Fokus

Членовите на Лекарските комисии кои се под раководната палка на Фондот за здравство се уште не се разрешени, а тоа ќе почека се додека не се формира новиот Управен одбор во ФЗО, информираат извори за „Фокус“ од министерството за здравство.

Според нашите информации, членовите на првостепената комисија ги разрешуваат двајцата директори на Фондот за здравство, додека членовите на второстепената комисија ги разрешува Управниот одбор на Фондот за здравство.

Надлежните институции досега не сакаа да ги споделат имињата на лекарите, кои одлучуваат за лекување во странство. Нивните имиња се чуваат како државна тајна.

Во двете лекарски комисии има по 15 лекари од сите области, од кои десет се редовни лекари и уште пет заменици. Пациентите што ги исцрпиле сите можности за лекување во државата, па мора да одат на лекување или операција во странство најпрвин доаѓаат до првостепената, а потоа одлучува второстепената комисија.

Според нашите извори, претседателка на првостепената комисија е Викторија Чаловска од Клиниката за гастроентерохепатологија. Во првостепената комисија беше и доктор Александар Чапароски, екс директорот на скопската Клиника за неврохирургија, кој пред некој месец беше уапсен за примање мито. Чапароски заврши во притвор, откако на татко на болно дете му барал мито од 1.000 евра за Клиниката за неврохирургија да издаде потврда дека не извршува хируршка интервенција каква што требало да ѝ се изврши на пациентката, за потоа да може со државни пари да се лечи во странство.

Со второстепената комисија пак раководи ортопедот Анастасика Попоска, мајка на екс министерот за надворешни работи, Никола Попоски. Таа пред три години се кандидираше и за претседател на Македонското лекарско друштво и на Лекарската комора, од каде што во последен момент се повлече од изборната трка. Пред две години, пак, мајката на министерот ја доби државната награда 23 Октомври. Со неа, во истата комисија, исто така е нејзиниот внук, односно прв братучед на екс министерот Попоски, Љупчо Николов, кој доаѓа од Клиниката за трауматологија.

Исто така, член на второстепената е и трауматологот Виктор Камиловски, претседател на Советот на Општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. За него веќе пишувавме дека има уште неколку функции во комисии. Тој во изборната кампања жестоко го нападна концептот за воведување двојазичност во државата, карикирајќи дека нема да можел да го спаси пациентот ако со него треба да се разбере преку преведувач од албански јазик. Во истата комисија се и се уште актуелниот директор на Клиниката за детска хирургија, Ристо Симеонов и директорот на Институт за јавно здравје, Шабан Мемети.

Докторката Аспазија Софијанова, пак, која истовремено е и директорка на скопската Детска клиника, поднесе оставка од комисијата која одлучува за лекување во странство уште пред три години, откако изби скандалот со смртта на малото девојче од Велес.

Последните неколку години не поминува ден без на социјалните мрежи да се појават нови апели за собирање пари за деца болни од церебрална парализа, мултиплекс склероза, рак на коските, тумор на главата, вродена срцева мана, за што се потребни илјадници евра, а семејствата не можат да ги обезбедат.

Таму има бебиња од по неколку месеци, па сѐ до девет-десетгодишни деца. На нивниот број им нема крај, а сумите за операции најчесто се движат од 50.000 до 300.000 евра, во зависност од тоа за која болест и за каква операција станува збор.

И.М.

 

Поврзани новости