На митинг синоќа во Гостивар, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ вечерва го промовираше Арбен Таравари како нејзин кандидат за претседател на државата.
Во своето обраќање пред присутните во спортската сала „Младост“ Таравари рече дека ќе биде поинаков и претседател на сите граѓани, кој ќе се залага за слобода, еднаквост и хармонија во Северна Македонија, бидејќи, како што кажа, народот е на прво место, што е и неговото мото.
За кандидатурата за претседател рече дека е одговорност, но и најголемата привилегија што ја имал во животот.
„На секој од вас што дојде, многу му благодарам, бидејќи вие сте мојата сила. Јас сум доктор 26 години, мојот профил како невролог ме освести за грижите на луѓето, кои доаѓаат од неправеден систем. Како претседател предложен од коалцијата „Вреди“ ќе бидам апсолутен победник во албанскиот табор“, рече Таравари.
Говорејќи за својата изборна платформа, тој повтори оти ќе се залага претседателот на државата да се избира во Собранието, како и за отстранување на формулацијата „20 отсто“ од Уставот што ја дефинира употребата на албанскиот јазик.