Ќе бидам макотрпен додека премиерот Заев не рече ДА за свадбите, порача организаторот на протестот на музичарите

by Фокус

Организаторот на протестот на музичката фела, музичарот Даниел Сидовски од група ,,Респекти”, смета дека вчерашниот протест кој се одржа пред Влада бил успешен. Тој им се заблагодари на сите кои биле присутни затоа што ги почитувале здравствените протоколи, и порача дека успеале во дадениот рок да добијат шанса да ги променат моменталните забрани, со цел да продолжат да работат по протоколи додека да помине кризата поради вирусот.

-Сакам да ви кажам дека во петок во кабинетот на нашиот премиер Зоран Заев ќе бидам културен соговорник, макотрпен додека не рече ДА за свадбите и моменталната забрана. Нема да бидам некултурен и неписмен човек, како што сум бил пред Владата, по тврдењето на некои луѓе- порача тој на социјалните мрежи.

Имено, по завршувањето на протестот вчера, негови колеги, помеѓу кои и Симеон Атанасов, реагираа дека требало да зборуваат многу авторитетни личности, со цел да им се уважи кажаното, односно музичари кои имаат зад себе многу дела, настапи надвор од државата, и учества на фестивали. Впечатливо е и тоа што протестот на некој начин започнува да добива партиска обоеност, бидејќи дел од музичарите веќе се поделија и на своите социјални профили обвинуваат околу тоа кои се патриотите на естрадата, а кои предавниците.

-Северџанските музичари, пејачи си имаат имиња и презимиња и ги имаме на список, за нив бојкот во дијаспората уште пред короната. Не можеме Наум Петрески, Блага Петреска, Виданка Ѓеоргиева, Андријана Јаневска, Јордан Митев, Благојче Туше, Стефче Стојковски, Влатко Миладиновски и ред други да ги сврстиме во исти ранг со овие кои пееа за северната пред референдумот. Ние ,,Танец”, кој беше душата на татковината, го избојкотиравме прописно поради нивниот директор и молкот при промена на името МАКЕДОНСКИ во насловот на ансамблот, па не ќе бојкотираме неколку шутраци- објавена е реакција на социјални групи по повод исвиркувањето кога се спомна Северна во најавата на организаторот за време на протестот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости