Силен земјотрес го стресе Санторини, над 11.000 луѓе заминаа од островот

by Fokus

Силен земјотрес е регистриран меѓу островите Санторини и Аморгос по неколку дена континуирани потреси во оваа област. Поради стравувањата од голем земјотрес, на што предупредуваат грчките власти, повеќе од 11.000 луѓе веќе го напуштија Санторини, од кои 7.000 со траект, а 4.000 со авион.

Синоќешниот земјотрес имал јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала, со што е најсилен откако почнаа тресењата во морето пред неколку дена. Се случил на длабочина од пет километри.

Досега нема извештаи за штети на островот, но властите преземаат мерки од претпазливост, па се поставени и шатори на отворени простори. На Санторини доаѓаат милиони туристи секоја година, но сега не е сезона, па се евакуираат главно локални жители и работници.

Школите на Санторини, како и на соседните острови Анафи, Парос, Наксос и Миконос ќе бидат затворени до утре, по што одново ќе се разгледа ситуацијата.

Министерот за цивилна заштита Василис Кикилијас кажа дека на Санторини се распоредени пожарникари специјализирани за природни катастрофи, кучиња-трагачи и центри за мобилни операции.

Поврзани новости