Казни затвор за обвинетите во предметот „Ниџе“

by Фокус

Предметот во врска со културното наследство познат во јавноста како „Ниџе“, за кој Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кон крајот на месец септември минатата година отвори истрага против осум лица, денеска во Основниот кривичен суд заврши со пресуда.

Откако шестмина обвинети во фаза на оценка на обвинителен акт признаа вина и во месец мај годинава се спогодија со јавниот обвинител, денес на главна расправа во Основниот кривичен суд-Скопје останатите двајца обвинети признаа дека сториле кривично дело Злосторничко здружување и Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.

Воедно, обвинетиот Б.К. призна дека сторил и кривично дело – Прикривање, а обвинетиот Н.Л. и кривично дело -Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.

За кривичните дела што им се ставаат на товар, судот донесе пресуда со која на обвинетиот Б.К. му изрече единствена казна затвор во траење од четири години, додека на Н.Л. казна затвор во траење од една година и шест месеци.

Б.К. и Н.Л. како членови на група, заедно со организаторите и припадниците на групата кои се сега осудени, вршеле кривични дела против културното наследство во период од месец мај 2020 година до крајот на септември 2021 година.

Во рамките на криминалната група секој од припадниците на групата имал точно дефинирана улога според која дејствувал. Заедничката цел на групата била илегално истражување, копање на археолошки локалитети на македонската територија, прикривање во сопствените домови, нудење на продажба на заинтересирани купувачи и продавање на добра – културното наследство сопственост на Република Северна Македонија.

Поврзани новости