Казни од 5.000 евра во Грција за лажен сертификат за вакцинација

by Fokus

Казни за работодавците во приватните здравствени центри во случај да имаат невакциниран вработен, но и казни за поседување или издавање лажен сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19, предвидува амандманот од Министерството за здравство на Грција доставен во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Секој кој ќе се обиде или ќе успее да добие сертификат за вакцинација, а не е вакциниран, или потврда за прележан Ковид-19, а не бил болен, како и за секој вработен, кој на било каков начин учествува во издавањето лажен сертификат за вакцинација, предвидена е парична казна од 5.000 евра.

Конкретната мерка доаѓа по откриениот скандал со над 40 фиктивни вакцинации, внесени во системот за вакцинирање во болницата во Палама поширокиот регион на грчкиот град Кардица.

Казни се предвидени и за приватните здравствени центри, установи за грижа на лица итн, доколку имаат невакциниран вработен, а работодавачот ќе треба да плати казна од 10.000 до 50.000 евра, која при повторна проверка и втора казна се зголемува на 20.000 до 200.000 евра.

Во доставениот амандман, меѓу другото, вклучена е и измената на одлуката за здравствените работници кои не се вакцинирани и од 1 септември се на неплатен принуден одмор, а сега им се дава можност за враќање на работа доколку ја примат првата доза од вакцината.

Паралелно, најдоцна до 30 септември задолжително треба да бидат вакцинирани и студентите по медицина, кои следат пракса во државните или приватните болници.

Поврзани новости