Казнети неготинчани кои ги злоупотребиле дозволите за движење

by Fokus

Повеќе прекршочни казни им биле изречени на неготинчани кои деновиве за време на полицискиот час ги злоупотребиле дозволите за движење.

Наместо да ги почитуваат препораките за движење, според кои ја добиле дозволата, голем број од нив ја искористиле истата буквално за да се прошетаат низ градот.

Градоначалникот Тони Делков информира дека бил одржан редовен координативен состанок на Кризниот штаб на општината на кој биле дискутирани, но и донесени заклучоци, а кои се однесуваат на мерките и препораките за заштита и спречување на ширењето на корона вирусот во Неготино.

-Имено, според информациите добиени од страна на ОВР Неготино за време на забраната за движење односно полицискиот час, утврдени се прекршувања односно дозволите за движење за време на полицискиот час кои одредени правни и физички лица ги имаа извадено биле злоупотребувани. Согласно овие информации се донесе заклучок според кој ОВР Неготино ќе ги зголеми своите контроли и воедно ги повикува сите правни и физички лица кои имаат дозволи за движење за време додека трае забраната, истите да ја почитуваат релацијата на движење од дома до своите работни места или земјоделски земјишта. Во спротивно, сите злоупотреби ќе бидат санкционирани од страна на ОВР Неготино- информира Делков.

Претседателот на Советот на општината, Диме Витанов потврди дека се изречени повеќе казни на лица кои ги злоупотребиле дозволите.

Деновиве на социјалните мрежи голем број на граѓани реагираа дека според она што можат да го видат од своите дворови и балкони, надвор е доста раздвижено. Се возеа скутери и голем број на автомобили.

Исто така во тек на вчерашниот ден, на социјалните мрежи се објавуваа фотографии каде десетици лица собрани во дворовите заедно со своите соседи го прославуваа празникот. Фотографиите од софрите со ракија и мезе и граѓаните кои маалски го одбележаа Велигден, наидоа на осуда кај поголемиот број на неготинчани, кои апелираа дека законите мора да важат исто за сите и бараа полицијата да ги засили контролите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости