Од вкупно 611 контроли коишто ги извршила Управата за јавни приходи на територијата на цела држава, кај 114 маркети биле констатирани неправилности во однос на спроведување на одлуката за ослободување од ДДВ на основните прехранбени продукти, согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања.
Во контролите биле опфатени даночни обврзници кои вршат дејност трговија на мало со храна и пијалаци, со месо и производи од месо, со моторни горива, кои дејноста ја вршат преку повеќе деловни единици со поголема продажна површина и остваруват промет во поголем износ.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска на прес-конференција информира дека и покрај укажувањата имало продажни објекти на кои не им биле прилагодени фискалните апарати и наместо во група Г, лебот, брашното ТИП 400, јајцата, млекото, шеќерот, месото, оризот и маслото за јадење ги продавале во група Б односно со пресметан ДДВ од пет проценти.
– Инспекторите согласно направените контроли најмногу неправилности утврдија кај обврзници од Тетово, Струга, Скопје, Прилеп и Охрид. Утврдени се неприлагодени фискални апарати кај трговци на мало со храна и пијалоци, со јајца, со месо и производи од месо во специјализирани продавници.
Од 31 контролиран продажен објект во Тетово, кај 15 биле утврдени неправилности и тоа неиздавање и неусогласени фискални сметки. Од 28 контролирани објекти во Струга, кај 12 биле откриени неусогласени фискални сметки. Од 136 исконтролирани продажни објекти во Скопје, само кај 13 е откриена неправилност.
Во Прилеп и Охрид од направени 32 контроли, кај 12 биле откриени неправилности. Во Битола од исконтролирани 55 објекти, само 10 имале неправилности во работењето, изјави Лукаревска.