Фудбалскиот сојуз на Грција изрече казна за играчите на Арис за неспортско однесување во финалето на Купот против Панатинаикос.
Сите играчи од минатогодишниот тим, оние кои биле дел од протоколот на натпреварот, се суспендирани на два натпревари бидејќи одбија да ги примат медалите за време на церемонијата на победниците.
Некои од нив ќе мора да одлежат дополнителни казни поради други испади на натпреварот.
Рускиот фудбалер Шапи Сулејманов доби дополнителни пет натпревари суспензија, вкупно седум, поради напад на француската судијка Стефани Фрапар, која беше делегирана да го суди финалето.
Панатинаикос победи со 1:0 и го освои Купот со гол во 90+7. минута, а Арис вината за ваквиот исход ја префрли на Фрапар поради, како што рекоа, неконзистентенкритериум.
Најпознатата жена судија во Европа се најде нападната од играчите и членовите на стручниот штаб на клубот од Солун, а на крајот успеа да го напушти теренот само под придружба на полицијата.
Севкупно, казната важи за 21 играч на Арис, при што неколку од нив го напуштија клубот поради истекување на договорите, а 13 од нив ќе ги пропуштат првите два натпревари од Супер лигата следната сезона.
Само шест играчи во актуелниот ростер на Арис имаат право на настап на првите два меча од новата сезона, плус оние кои ќе го засилат тимот во преодниот период.