Казната на Николов му ја намалиле оти ветил дека нема да го повтори тоа кое го сторил, а и не бил женет!

by fokus

Апелациониот суд во Скопје ја намали 18-годишната казна затвор на осум години, на велешанецот Ангелче Николов, кој лани во декември возејќи пијан, двојно побрзо од дозволеното, на пешачки премин ја усмрти 11-годишната Магдалена и ја повреди нејзината мајка, по што побегна од местото на настанот.

Јавноста бурно реагира по повод драстичното намалување на казната на велешанецот, за кого по изрекувањето на првата неправосилна пресуда од велешкиот суд своевремено открија дека претходно двапати бил осудуван за сообраќаен прекршок при што му биле изрекувани забрани за управување на возило, што укажувало дека се работи за лице со ниско ниво на сообраќајна култура, не почитува сообраќајни пропусти и изречените казни не влијаеле на него.
На социјалните мрежи и негови сограѓани коментираат дека бил познат по дивеење со возилото и бил предупредуван дека ако продолжи така, некого ќе убие.

Како што дознава ,,Фокус”, намалувањето на казната за десет години, било образложено со тоа што Николов е млад човек, а и не бил оженет. Тој ветил дека нема да го повтори тоа кое го сторил, и бил подготвен да се промени и да се вклучи во нормалниот тек на здраво општествено живеење.
Изразил каење, а бил и неосудуван.

Како потсетување, кога во март ја доби затворската казна во висина од 18 години за две кривични дела, „Тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, од велешкиот Судски совет образложија дека судот не стекнал впечаток дека кај обвинетиот има искрено каење и жалење.

Олеснителни околности биле дека тој не бил кривично осудуван и бил безимотен. Претходните двапати, кога бил осуден за сообраќаен прекршок и му било забрането да управува со возило, укажувале дека изречените казни не влијаеле на него.
Инаку, максималната казна кој тој можеше да ја добие е 20 години затвор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости