Професорите на Економскиот факултет во Скопје, Славе Ристевски и Драге Јанев се осудени на две години и шест месеци затвор, а нивниот колега Бобек Шуклев на две години затвор за случајот „Еразмус”, односно за земање пари од студенти за полагање на испити. Демонстраторот Драган Денковски доби условна казна од две години, а професорот Стојан Дебарлиев е ослободен од обвинението. Ова е пресудата која денеска ја објави судијата Владимир Туфегџиќ во Кривичниот суд.
Како што рече судијата Туфегџиќ, покрај затворските казни, на осудените им се изрекува и мерка забрана за вршење дејност од 10 години.
Обвинителството ги товареше обвинетите дека во повеќе наврати во текот на 2015 и 2016 година, искористувајќи ја својата положба сториле кривични дела.
Обвинетите професори Бобек Шуклев и Славе Ристески се товарат за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание,Стојан Дебарлиев за злоупотреба на службената положба и овластување, а демонстраторот Драган Денковски за давање поткуп. МИА