Казна од 500 евра за напуштање миленик

by fokus

Вкупно 74.260 домашни миленици се микрочипирани заклучно со 31 декември 2019 година. Од нив, 71.076 се кучиња, 3.183 се мачки, а има и една ласица.

За да го намали бројот на бездомни кучиња, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на општините ќе им ги донира микрочиповите за милениците што останаа од бесплатната акција чиј рок беше пролонгиран и заврши на 31 декември. АХВ воедно ја разгледува и можноста, покрај микрочиповите, да подели и ваучери.

Како што соопшти директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов, ќе се настојува да се зголеми и соработката со здруженијата за заштита на животните, особено во делот на стерилизацијата/кастрацијата на бездомните кучиња.

„Стерилизацијата/кастрацијата е предложена со измените во Законот за благосостојба на животните кој моментно е во собраниска процедура. Законот предвидува и зголемување на ингеренциите на комуналните инспектори со што би се интензивирале контролите во однос на одговорното сопствеништво – објасни Атанасов.

Додаде и дека со законските измени се предлага забрана за продажба на миленици на малолетни лица.

Според директорот на АХВ, проблемот со бездомните кучиња е децениски и не може да се реши за две – три години.

Лани првпат беше изречена парична казна од 500 евра за напуштање миленик.

Поврзани новости