Минатата недела инспектор извршил надзор над депонијата во Росоман којашто често се опожарува во летниот периот и од која се ослободуваат штетни емисии во воздухот, соопшти Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
Во текот на надзорот биле утврдени траги од горење и видлив чад на повеќе места.
– Јавното комунално претпријатие и одговорното лице се казнети парично (3.000 евра за правното лице и 900 евра за одговорното лице). Издадена е наредба за гаснење на пожарот и постојано одржување на минимални технички услови согласно Законот за управување со отпад, се наведува во соопштението.
Државниот инспекторат за животна средина постојано врши контроли врз примената на минималните технички услови на депониите на кои се отстранува отпадот од страна на општинските јавни комунални претпријатија.