Трите лица од Скопје, кои пред два дена влечеа коњ со автомобил по улиците, се соочуваат со парична казна од 150 до 3.000 евра, или пак со затворска казна до шест месеци.
По вознемирувачките слики со измачувањето на животното, кои го преплавија етерот, вчера од МВР соопштија дека од слобода се лишени три лица, С. С. (24), Р. С. (20) и А.С. (54) од Скопје поради основано сомнение за сторено кривично дело по чл. 233 од КЗ (мачење на животни) сторено на 01.03.2023 околу 13:00 часот на ул. Коце Металец во Скопје, при што измачувале коњ.
Информираа дека е известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава.
Според Кривичниот законик, член 233 кој предвидува, покрај паричната казна, предвидува и казна затвор до шест месеци за оној што грубо злоупотребува животно, го изложува на непотребни маки, му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање.
Според законот за заштита и благосостојба на животните каде што е забрането предизвикување на болка, патење или повреди, сурови и нехумано однесување и убивање, како и осакатување на животни е предвидена парична казна во износ од 150 до 500 евра, или 3.000 евра, во зависност од делото.
Исто така, според член 233, тој што со нехранење, непоење или на друг начин изложува животно подолго време на тегобна состојба, ќе се казни со парична казна или со затвор до три месеци.
Ова не е прв сличен случај, кога јавноста сведочи на изживување над коњ. И во минатото имаше неброени апели, фотографии и снимки за настани, кога измачувани и изнемоштени коњи се експлоатираат, се претовараат, но и се тепаат по улиците.
Имаше и неколку случаи кога изнемоштени коњи паѓаа и умираа по улиците, или пак поради сопственичка негрижа се распуштаат кога ќе остарат и повеќе не му се од корист на сопственикот.
Редовни се и апелите на совесните граѓани и на здруженијата за заштита на животните да се поведе поголема сметка околу благосостојбата на овие животни кои редовно се експлоатираат и третираат нехумано.
Вики Клинчарова